30 ноември, 2005

Бидна!

Денес во Занзибар...пицеријата де, се одржа основачко собрание на Интернет Македонија. Имаше млади, повозрасни, другари и луѓе што првпат се гледаат во животот. Она што не зближува е интернетот и желбата да се подобрат работите на ова поле кај нас. Целта не ни е да јадеме бурек, туку:
  • создавање услови за подобар, попристапен интернет за сите граѓани на Македонија;
  • поддршка во решавањето на проблемите и заштита на правата на интернет корисниците;
  • создавање услови за поголема интернет пенетрација во Македонија, и
  • промовирање на можности за продуктивна употреба на интернет.
Со мали измени беше усвоен статутот, програмата за дејствување и беа избрани органите на здружението. Јас бев укорен дека многу често сум го користел зборот пенетрација. Од утре ја започнуваме и постапката за регистрација, а првите активности ќе следат кон средината на декември. Здружението ќе може да отвори некои врати кои потешко се отвораат пред поединци и ќе даде поголем публицитет на нашата борба. Ако имаш идеи и волја за нешто да направиш - добредојден си да се приклучиш. Ќе сркаме тоа што ќе надробиме.

29 ноември, 2005

Интернет Македонија

Подготвени се актите на здружението на интернет корисници. Предлог-статутот може да го погледнете тука, каде што може и да се остават коментари за истиот.

Основачкото собрание ќе се одржи утре, 30 ноември, во пицеријата Занзибар, со почеток во 17:00. Сите се добредојдени.

Edit: Подготвена е и нацрт-програма за работа, која може да се види тука. Како и секогаш, коментарите и сугестиите се добредојдени :)

Во Агенцијата сепак не спиеле!

Длабоко се извинувам на Агенцијата за електронски комуникации поради инсинуациите дека не си ја вршат работата. Според Дневник:
Агенцијата за електронски комуникации вчера потврди дека компаниите "Актон", "Балкантел", "Системринг" и "Унифон МК" неовластено прене- сувале дојдовни меѓународни телефонски повици преку СИМ-картички на "Космофон" во мрежите на "Македонски телекомуникации" и "Мобимак" без да склучат договор за меѓусебно поврзување .

Мобилниот оператор "Космофон" добил налог од Агенцијата да ги исклучи сите СИМ картички на овие компании, а против нив ќе бидат преземени сите мерки во согласност со надлежностите од Законот за електронски комуникации.
Од ова се гледа дека Агенцијата е многу ажурна. Барем кога треба да се брани Телеком. Остнува нејасно зошто наведените оператори не можат да склучат договор за поврзување со МТ и Мобимак кога тоа е законски пропишано. Нејасно е и зошто Агенцијата не е олку ажурна во спроведувањето на законот во случаите кога истиот во континуитет го кршат МТ. За потсетување за Агенцијата, според законот:
  • Договорите за АДСЛ се незаконски затоа што со нив не почитува одлуката на Монополската управа од 15.3.2004.
  • Со договорите и постапките на МТ се крши став 1, точка ѓ, како и став 3 на член 96 од Законот за електронски комуникации.
  • МТ го крши член 117 од Законот.
  • Договорите се нечесни.
  • Намалувањето на брзината на ниво на dial-up е спротивно на договорите, понудата на брз интернет и рекламите за таа понуда.
  • Дискутабилна е точноста на мерењето на интернет сообраќајот, а МТ не дозволуваат проверка на истото.
Бидејќи горниве прекршоци слабо ги гледаат, останува мојот предлог до Агенцијата и нејзиниот основач истата да се прекрсти во Агенција за монополски комуникации.

28 ноември, 2005

Имаме име!

Во врска со идејата за формирање на здружение за заштита и промовирање на интересите на корисниците на интернет, беше одржано гласање за име преку форумот и yahoo групата.

Резултатите се следни:
  1. Интернет Македонија - 46.66% (14 гласа)
  2. Интернет за сите - 26,66% (8 гласа)
  3. Здружение на интернет корисници - 10.00% (3 гласа)
  4. Интернет НВО - 10.00% (3 гласа)
  5. друго, ќе пратам на мејл - 6.66% (2 гласа)
Јован убаво кажа:
Според тоа, го прогласувам името на здружението на граѓани: Интернет Македонија. Нека и е со среќа интернетот на Македонија!

Зошто е телефонот скап?

О: За да не го користите без врска. Разорните последиците од имањето бесплатен телефон се согледуваат по постапките на Боргите од МТ. Тие не го плаќаат телефонот, па времето си го пополнуваат со правење глупи повици.

Во последните неколку дена, некои од оние што поднесоа известување за раскинување на АДСЛ договорот добија ултимативен повик од Телеком, да изберат еден од пакетите: со доплата или со намалување на брзина. Наместо „You will be assimilated“, овие извикувале: „Морате да одите до салон за да склучите нов договор.“ Делот со „Resistance is futile“ се подразбира.

Следниот пат кога ќе ве репнат со астрономска сметка за телефон, место да пцуете, веднаш да му се заблагодарите на Телеком. Ви мислат добро. Не сакаат да се бламирате со непотребни повици.

23 ноември, 2005

Хартијата трпи сè!

Free Image Hosting at www.ImageShack.usВчера почаа да стигнуваат одговорите од МТ на вториот бран приговори и на известувањата за раскинување на договорите за АДСЛ услуга. Сега душичките од МТ се помачиле да срочат писмо од цели две страни, а се потрудиле дури и да го вметнат името на корисникот, бројот и датумот на поднесениот приговор/известување. Тука е првата, а тука втората страна.

Единствена фалинка е што комплетно ја утнале темата. Приговорите/известувањата се однесуваа на:
  1. Намалувањето на брзината на ниво на dial-up;
  2. Проблемите со мерењето на сообраќајот и проверката на точноста на истото;
  3. Неквалитетот и прекините на услугата, како и недавањето компензација за ова.
„Одговорите“, потпишани од Анче Тодоровска, се однесуваат на тоа дека МТ има право да ја намалува брзината. За втората и третата точка, нема ниту збор. Ако прочитаа што пишува во приговорите/известувањата, ќе видеа дека правото на намалување не се оспорува, туку се оспорува нивната постапка во која рекламираат и склучуваат договори за брз интернет пристап, а испорачуваат пристап со dial-up брзини.

Интересно е што „одговорот“ е ист и до оние што поднеле приговор и до оние што поднеле известување за раскинување. Повторно не го почитуваат член 96 од Законот за електронски комуникации и еден куп други. Ќе има нова тура жалби до Агенцијата, приговори за оние кои сметаат дека тоа има некаква смисла... Пријавените за тужба се поделени на две групи: едни ќе бараат намалување на прифатлива брзина или поништување на договорите, други ќе бараат да не им се наплатат пенали за веќе раскинатите договори. За подетални информации на bez_vrska@hotmail.com.

22 ноември, 2005

Македонче ли е, Б'лгарче ли е?

Ако си корисник на АДСЛ, можеби како home page ја имаш ставено adsl.com.mk. Страната е да ти се качи притисок, ама со „неограничениот“ интернет од МТ мора стално да си на штрек во исчекување на dial-up „брзини“. За сите на кои им збоктисало момчето кое го гушка мониторот и сакаат да му ја пукнат една, еве корисна информација - момчето може да е Б'лгарче.

На 7 ноември во Софија се отвори голем продажен салон за компјутерска опрема на грчкиот ланец Мултирама, кој е дел од Германос. На сајтот и на промотивниот материјал фигурира добро познатата фаца.

Ало, Телеком, дали вие сте краделе или вас ве крадат? Ако е второво, баш ми е мило! Да видите и вие како е.

Државните органи велат: „Ние не сме одовде!“

Во врска со обвинувањата од ЕУ дека Владата ја спречува либерализацијата на пазарот за електронски комуникации, стигна демант од Министерството за транспорт и врски. Демантот воопшто не негира дека либерализацијата е закочена, туку вината за тоа ја префрла на Агенцијата за електронски комуникации! Агенцијата била независно тело и одговaрала пред Собранието, а не пред Владата. Комедија! Јас го прашувам Министерството: Пред кого одговараат четворицата претставници на Владата во Одборот на директори на Телеком, меѓу кои се и неговиот претседател и потпретседател? Дали овие лица изгинаа во борбата за либерализација на пазарот, па сега ги нема ни глас да им се чуе?

Владата безуспешно се вади од нешто во што е до гуша заглавена, на што посочува и отсуството на реакција од Државниот пазарен инспекторат, орган во склоп на Министерството за економија. За потсетување, Организацијата на потрошувачи на Македонија пред скоро месец и половина поднесе претставка до Инспекторатот со која бара да се истражи незаконитоста и нечесноста на договорите за АДСЛ услуга. Министерството за економија пак, се обврза дека Бирото за метрологија, кое е во склоп на Министерството, ќе испита дали мерачот на интернет сообраќај на МТ ги исполнува условите предвидени со Законот за метрологија. После повеќе од еден месец, нема никаков одговор. Овие работи не се директно поврзани со либерализацијата на пазарот, но јасно укажуваат на привилегираниот третман кој му го дава Владата на доминантниот играч на пазарот.

Отсуствува реакција од уште еден „независен“ државен орган - Комисијата за заштита на конкуренцијата - и покрај фактот што неговиот претходник (Монополска управа) утврдил дека Телеком ја злоупотребува доминантната позиција на интернет пазарот. Одлуката од 15.3.2004, наложува Телеком да им дозволи на другите провајдери да нудат АДСЛ услуга преку неговата мрежа, а во меѓувреме забранува МТ да ја рекламираат и продаваат истата. Ваквата одлука е потврдена и од Министерот за економија, кој ја одбил жалбата на Телеком. МТ, и после дваесет месеци, продолжуваат да ги условуваат другите оператори дека ако сакаат да ја користат нивната мрежа мораат во пакет да платат и за интернет пристап. Ваквите услови не може да ги прифати ниеден провајдер, зошто со нив малопродажните цени би биле и до 20% повисоки од оние на Телеком.

Е сега, ако и Агенцијата за електронски комуникации и Комисијата за заштита на конкуренцијата не се одовде, се поставува прашање од каде е Собранието на РМ кое ја контролира нивната работа (or lack thereof, разбира се)? Не заборавете ова прашање да му го поставите на вашиот пратеник, кога ќе дојде да држи митинг за реизбор.

21 ноември, 2005

„АДСЛ или како не пљачкаат?“

Голем дел од АДСЛ корисниците имаат по некоја хорор приказна за мерачот на АДСЛ сообраќај. Де брои наназад, де покажува сообраќај кој е физички невозможно да се направи во одреден период, де воопшто не брои... Неограничени можности - абе, the sky is the limit!

Најзасегнати од ваквите „испади“ на мерачот, се ретките корисници кои се префрлија на пакетот со доплата за задржување на брзината. Очекував, следниот месец, заедно со сметките да стигнат лелекања и пцовки од нив - упатени на позната адреса. Не ми падна на памет дека реакциите може да дојдат и порано и да бидат поврзани со други, побазични проблеми.

Во денешен Дневник е објавено писмо од Николче Милошев, корисник на АДСЛ услуга:
...Сакајќи да придобијат што поголем број на корисници МТ-нет делеа пакети ветуваа брзини и триста чуда. Се си беше фино додека не им "светна сијаличето" дека како монопол може да не дере. Малку им беа тие 2.900 денари за договор на неопределено време, воведоа и доплата за надминатата сума од 4ГБ. Немаше друго чаре ајде и тоа го проголтавме (сакаш иста брзина над 4ГБ ќе си доплаќаш). Е арно, ама и тука имало глупости и "недоразбирања". Склучив договор за задржување на брзината бидејќи знаев дека каде и да е до половина месец ќе го надминам лимитот. И така договорот склучен на 1.11.2005 година господата од МТ-нет не успеале да го прочитаат до 14.11.2005 кога така "пријатно" ме изненадија со враќање на брзината како при Dial-Up врска. Кога се јавив знаете што ми рекоа?

"Господине, па вие сте склучиле договор напишан на рака, ние немавме отпечатено таков договор навреме." Јас сум бил виновен што така совесно и навреме сум сакал да го остварам тоа за што сум потпишал договор.

Кога им реков да ми ја вратат брзината тие фино ме информираа дека најдоцна за еден ден (15.11.2005) ќе ја вратат брзината и дека МНОГУ ИМ Е ЖАЛ АКО СУМ БИЛ ОШТЕТЕН НА НЕКОЈ НАЧИН. Она што најмногу ме иритира во сето ова е текстот на договорот кој е склучен и според кој КОРИСНИКОТ т.е. јас (и сите обични смртници како мене) МОРА да плаќаат ПЕНАЛИ како тие си ги нарекуваат доколку не се придржуваме кон договорот. Е па сега дали МТ-нет е подготвен да плаќа пенали затоа што не се придржува кон договорот. За крај само да кажам дека искрено се надевам оти некој од одговорните во МТ-нет е доволно писмен и ќе успее, ако не договорот, барем ова писмо да го прочита и да се замисли малку дали им одговара ваква слава.

18 ноември, 2005

Competition...is the only solution!

Пред некој ден рчкав по он-лајн архивите на македонските весници и го прочитав следното: „Застапеноста на Интернет во Македонија не е 2, туку 4 отсто. Состојбата и не е така лоша, подобра е отколку во Албанија, Романија и во Босна и Херцеговина“ - велат во телекомот. Текстот е од јули 2004 година, после поскапувањето на телефонските импулси, а темата - скапиот интернет.

Не ги сакам американските митови, уште помалку нивните претседатели, ама сега ќе цитирам еден од нив: „Конкуренцијата не е само основа за заштита на потрошувачот, туку е и поттик на прогресот.“ Превртено наопаку: жртви на недоволниот обем на конкуренција не се само потрошувачите, туку уште поважно - прогресот.

Првиот цитат е доказ за ова. Доминантиот играч на пазарот, со помош на наследената инфраструктура, обилни извори на приходи и надмоќта врз регулаторните органи создава бариери кои ги осакатуваат конкурентите и кои спречуваат влез на нови играчи. Последниве се неопходни за динамизирање на секторот, кој е од суштинско значење за развојот на економијата и општеството.

Државата со својата слабост и тромост е главниот соучесник. Како приоритети во областа на информационото општество, на кои треба да работиме во наредните 1-2 години, ЕУ ги наведува:
  • Да се прекине кршењето на Договорот за Стабилизација и асоцијација преку преземање на сите неопходни мерки за исполнување на обврската за либерализација на секторот за електронски комуникации, вклучувајќи и усвојување на сите подзаконски акти и натамошно зајакнување на регулаторните тела.
  • Да се обезбедат механизми за заштита на конкуренцијата од оператори со значајна пазарна моќ.
Подетален преглед на гледиштето на Европската комисија, со нагласени интересни делови, може да се најде на блогот на Јован. Верувам дека прогресот ќе го осетиме само кога ќе се раскине неприродниот брак.

Првична средба

Вчера, во Скопје, се одржа средба на која се разговараше за идејата за создавање на здружение за заштита и промовирање на интересите на интернет корисниците. Состанокот започна со кратко запознавање и заклучок дека се работи за прилично шарена дружина во поглед на возраст, струка и животно искуство, обединета со еден заеднички интерес.

Беше утврдена општата цел на идното здружение: создавање можности за подобар интернет пристап во Македонија. Основен начин преку кој ќе се работи за остварување на таа цел е преку развивање на отворен и конкурентен пазар на интернет пристап, во кој корисникот ќе има избор и ќе се почитуваат неговите права. Здружението за остварување на своите цели ќе соработува со сите државни органи и со провајдерите на услуги, но ќе применува и разни облици на притисок. Средствата за вистинска либерализација на пазарот се во рацете на државните органи и затоа таму треба да бидат насочени најголем дел од активностите на идното здружение.

Договорено е во наредните неколку дена, преку отворената yahoo група, да се искристализираат целите и задачите, статутот и програмата за работа. Ова е неопходно за да може да се закаже основачко собрание и да се отпочне процесот на регистрација. Статутот треба да содржи механизми кои ќе обезбедат зачувување на автентичната идеја на здружението и ќе спречат тоа да потпадне под влијание на политичките партии, провајдерите и донаторите.

Здружението ќе има легитимитет и ќе даде резултати само ако постигне масовност и медиумска експонираност. Затоа, потребни се идеи за начинот на популаризација и привлекување на членови.

17 ноември, 2005

Непенализирано раскинување на договор

Денеска, Бидик на својот блог го објави писмото што му пристигна од АД „Македонски телекомуникации“, во кое го известуваат дека му одобруваат раскинување на договорот без плаќање на пенали. Бидик целиот процес убаво го објаснува на неговиот блог.

16 ноември, 2005

Здружение на интернет корисници

Free Image Hosting at www.ImageShack.us Заинтересираните за создавање на здружение за заштита и промовирање на интересите на интернет корисниците се покануваат на средба во пицеријата Занзибар (карши Градскиот парк во Скопје), на 17 ноември (четврток), во 14:00. Слика од околината на местото за средба е ставена лево. Кликнете за поголема верзија.

Breaking news на CNNN!

Во ноември нагло пораснале расправиите во македонските домови, а богами и влезови. Се фаќале за гуша брат со брат, мајка со ќерка, први комшии и функционери во куќните совети. Репортажата на Кристијан АМАНпараспур открива дека главен фактор за ваквиот братогушечки феномен било прашањето за правичната застапеност во размената на битови и бајти двонасочни нежности во склоп на АДСЛ врската.

Од Монополски телекомуникации ltd. категорично негираат дека оваа мода се должи на новододадената кратенка - со значење limited - во нивното име. Портпаролот на компанијата, Небулоза ЊЕТкова, изјави дека се работи за инсинуации од една мала група мазохисти кои секој месец им донираат по 40 евра, чисто за да си го овозможат задоволството после да ги оговараат. Соочен со остриот поглед и бушавиот микрофон на АМАНпараспур, портпаролот призна дека слични работи се случувале и после порастот на цената на телефонските импулси за над 300%, но додаде дека и тогаш ситацијата набрзо се нормализирала. Портпаролот не знаеше да појасни дали нормализацијата била некако поврзанa со наглиот подем на побарувачката за голуби писмоносци.

Во потрага по вистината и малку кафе, АМАНпараспур храбро потрча кон Владата на малата Патлиџан република, но таму и кажаа дека сите релеватно нерелевантни фактори се отидени во Адис Абеба на рибање. Имено, Комисијата на Афричката Унија, каде Република Патлиџан аплицира за членство, била незадоволна од тоа што Владата не ги послушала советите да го продолжи монополот на Монополски телекомуникации ltd. до 2205 година и наместо тоа го продолжила само до 2105. Афричката унија смета дека ваквото однесување на Владата е пречка за забрзаното приближување на земјата кон црниот континент. Препорака на Комисијата е Владата итно да докупи уште акции во Монополски телекомуникации ltd. Унијата утврдила дека сегашните 47% се недоволен поттик за поактивно вклучување на државните органи во сузбивањето на слободниот пазар - оценет како најголем непријател на забрзаното зацрнување на локалната економија.

Следната дестинација на АМАНпараспур е Агенцијата за монополски комуникации, која ги благословила АДСЛ врските по што престанала да контактира со младенците. Таму изјавија дека се зафатени со подготовка на Правилникот за бесконечно развлекување на примената на законите и ја замолија да не им го нарушува кафето. После мала пауза за поправање на шминката, АМАНпараспур бескомпромисно поита кон Државниот инспекторат за борба против слободниот пазар, но сите ненадлежни фактори ги затекна во дремка. Тоа не ја спречи во неврзан муабет со дежурниот записничар, чистачката Цвета Трачева, да дознае дека тоа е само генерална проба пред стапувањето во зимска хибернација. Комшиите, израдувани од неочекуваната можност за фаќање сеир, ја советуваа да проба повторно напролет.

Обидите да контактира со некој од групата задавени АДСЛ корисници се покажаа безуспешни. Според врвни експерти консултирани од CNNN, обидот за комуникација со лица со dial-up брзини, дури и да е теоретски возможен, е непотребно губење време и може да нанесе тешки последици по менталното здравје. Други, помалку врвни експерти, блесаво констатираа дека со тоа што АДСЛ корисниците меѓусебно се задавиле - проблемот се решил сам од себе. Критичкото око на АМАНпараспур тука ја позна уникатната способност на Владата и Монополски телекомуникации ltd. за креативно менаџирање на кризите преку кревање на рамениците и правење на Тошо. Непогрешливиот АМАНпараспур заклучок е дека малата Република Патлиџан ги помина најголемите искушенија и благодарение на неодоговорноста и некомпе- тентноста е повторно лидер во регионалната салата и успешна приказна во афроинтегративните процеси. (Преземено од CNNN)

15 ноември, 2005

Ноемвриско резиме

После сите „проверени информации“ дека МТ нема опрема да ја намалува брзината, овој месец ни ги донесе долгонајавуваните dial-up брзини. Месецот не тргна многу добро ни за МТ, каде што најавите за нови отпуштања доведоа до протест на оние што добија шут карта и забрана за штрајк. Малите отстапки од МТ како да стануваат традиционални, па сега стигнаа во вид на писма со кои ги известија дел од корисниците дека им е одобрено раскинување на договорите без плаќање пенали. Следеа нови приговори, жалби и известувања за раскинување на договорите и нормално - нови закани со пенали.

Во овој момент, раскинувањата на АДСЛ договорите и приговорите се споредна работа за менаџментот на МТ, но сепак ги принудија повнимателно да не чујат. Дел од забелешките, кои незадоволните АДСЛ корисници ги изнесуваа минатите месец и пол, се споделени со врвниот менаџмент на МТ. Останува да видиме колку тие ќе умеат да ги искористат овие сознанија - за нивно и наше добро. Доминантната позиција на Телеком на интернет пазарот е неспорна. Неспорни се и високите цени, незадоволството од нивните постапки, како и фактот дека Македонија е на дното во Европа по стапката на интернет пенетрација. Во наредниов период, Македонски телекомуникации треба да решат дали ќе ја поведат Македонија кон Европа, или ќе продолжат да бидат најголем кочничар за нашето поврзување со светот.

Нашиот проблем не беше толку присутен во јавноста во последно време, но се работи ова да го смениме во наредните недела-две и да актуелизираме некои теми за кои МТ не сака да се зборува. Паралелно со тоа ќе продолжи и анимирањето на странските фактори - овојпат на друго ниво.

На друго поле, се разработи Форумот р-Еволуција, како место каде АДСЛ корисниците ќе може да разменуваат предлози и мислења за натамошните активности. Бидејќи постапките на конкуренцијата не влеваат надеж дека учат од грешките на МТ, форумот има за цел и да ги прибере информациите и искуствата за понудите на широкопојасен интернет пристап, како и да собере идеи за можностите за подобрување и дополнување на постојната понуда.

Оние што не се чувствуваат удобно на форумот, или што не веруваат дека е обрнато внимание на нивните идеи (оставени преку коментарите), можат истите да ги пратат на predlozi@gmail.com. Линк до мејлот е ставен на менито десно (ПРАТЕТЕ СВОЈ ПРЕДЛОГ!). На овој начин и ние ќе имаме подобар преглед на различните предлози, за да не се случи некој да го запоставиме. Aдмините на р-Еволуција ќе ја поддржат секоја идеја и активност која може да даде резултати.

Сосема е демократски да имаме различни мислења, ставови и начини на реагирање, но не смееме да зборавиме дека имаме една заедничка цел: подобар интернет пристап. Секој се бори за тоа на свој начин и со средствата што му се на располагање. Телеком игра на картата дека ќе се замориме и ќе се искараме меѓу себе. Дали ќе успее оваа византиска тактика, зависи само од нас.

Edit: А1 објави вест што индиректно е поврзана со нашиот проблем. Бидејќи Телеком има монопол во фиксната телефонија, должен е својата инфраструктура да ја понуди по пазарни цени на други компании кои сакаат да нудат услуги преку истата. Сте се запрашале зошто ниту еден друг провајдер во Македонија не нуди АДСЛ? Токму поради одбивањето на Телеком да ја исполни оваа своја законска обврска. Државата мудро си молчи. Толку мудро што најавен е и жолт картон од Европската комисија.

08 ноември, 2005

Ајмо, тазе жалби, приговори и барања за развод!

Навали народе! Нова рунда АДСЛ зарзават. Како што ветив - еве жалба до Агенцијата за електронски комуникации која може да ја пополнат и поднесат оние што го поднеле првиот приговор од блогот р-Еволуција и форумот Багра (објавен на 9.10.2005). Има две верзии:
  1. Прва верзија е за оние што имаат потпишано Барање за користење АДСЛ услуга (тоа е оној документот кој се потпишува пред потпишување на договорот).
  2. Втора верзија е за оние што не потпишале Барање за користење АДСЛ услуга (т.е. оние што поднеле барање по телефон, и не им подметнале да потпишат Барање кога го потпишале договорот).
Адресата на агенцијата е: Агенција за електронски комуникации, ул. Даме Груев бр.1, 1000 Скопје. Поднесувањето може да биде лично за што ќе ви требаат два примерока (едниот да им го дадете, а на другиот да ви удрат штембил и да си го задржите), а може и да ја пратите како препорачано писмо во еден примерок. Притоа како прилог може да доставите и копија од Договорот и копија од првиот приговор.

Ако поради неисполнување на брачните обврски сакате да се разведете од МТ, откога ќе ја поднесете жалбата до Агенцијата, пополнете и поднесете до Телеком известување за раскинување на АДСЛ договорот. Известувањето може да го поднесат и оние кои веќе раскинале, но се плашат дека ќе им наплатат пенали. И од известувањето има две верзии:
  1. Прва верзија е за оние што имаат потпишано Барање за користење АДСЛ услуга (тоа е оној документот кој се потпишува пред потпишување на договорот).
  2. Втора верзија е за оние што не потпишале Барање за користење АДСЛ услуга (т.е. оние што поднеле барање по телефон, и не им подметнале да потпишат Барање кога го потпишале договорот).
Известувањето може да го поднесете лично во продажен салон (еден примерок за нив и еден за вас на кој ќе ви удрат штембил) или како препорачано писмо (еден примерок) на позната адреса: АД „Македонски телекомуникации“, ул. „Орце Николов“ бб, 1000 Скопје. Ве советувам известувањето да го поднесете најдоцна до крајот на работно време на 12 ноември.
ВАЖНО 1: Може да се случи модемот да не ви го деинсталираат со недели и после да сакаат да ви наплатат за тој период. Затоа ако го поднесувате известувањето во продажен салон, земете го модемот под мишка и на лице место плеснете им го у фаца (модемот де :). ОБАВЕЗНО барајте документ, со потпис и печат, дека сте им го дале модемот за да не се случи после пак да ви го бараат! Нели, се работи за гадови.
ВАЖНО 2: МТ нема да има правна основа да ви наплати пенали, но веќе знаете дека „МТ - и се е можно“. За екстра претпазливите во понеделник ќе биде објавенa и втора жалба до Агенцијата за електронски комуникации. Оваа ќе може да се поднесе и по раскинувањето на Договорот.
ВАЖНО 3: Доколку го поднесувате известувањето за веќе раскинат договор, на првата страна кај „Корисникот го смета договорот за раскинат на [ДЕН/МЕСЕЦ/ГОДИНА НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ИЗВЕСТУВАЊЕВО]“ место датумот на поднесување на известувањето ќе го ставите датумот кога сте поднеле барање за раскинување.

На оние што од верски причини не сакаат да го раскинат договорот, туку сакаат да поднесат нов приговор до МТ заради намалување на брзината, им требаат следниве документи:
  1. Прва верзија, погодувате, е за оние што имаат потпишано Барање за користење АДСЛ услуга (тоа е оној документот кој се потпишува пред потпишување на договорот).
  2. Втора верзија е за оние што не потпишале Барање за користење АДСЛ услуга (т.е. оние што поднеле барање по телефон, и не им подметнале да потпишат Барање кога го потпишале договорот).
Игор од Скопје беше љут што поднел три приговора до Телеком, а тие не му одговориле соодветно ниту на еден, па ми прати приговор кој го составил во врска со ваквиот безобразлук на МТ.

Епа, среќно пополнување Razz

Edit 1: Малку е средено форматирањето и поправени се грешките.
Edit 2: Ако во вашето сандаче стигнало писмо од Телеком, потпишано од Анче Тодоровска, може да и се заблагодарите на Ance.Todorovska@mt.com.mk. Бидете фини :)

06 ноември, 2005

р-Еволуција Форум

Во очекување на сајтот што го најавивме веќе неколку пати, а и поради полесно, попрегледно и подобро комуницирање меѓу посетителите на блогот, почна со работа форумот р-Еволуција. Сите конструктивни, креативни, дефетистички, критички коментари, предлози и идеи ќе може да ги пишувате таму.

ПОТСЕТНИК: Како што спомна Александар З. во еден од коментарите на претходниот пост, се наближува 14-ти ноември - последниот ден за законско раскинување на договорите за ADSL.

Адресата на форумот е: http://revolucija.forumer.com/

03 ноември, 2005

Сакате подобар интернет? Кажете како!

Еве можност да ги искористите своите креативни способности и да понудите некоја супер р-еволуционерна идеја. Како до подобар АДСЛ? Како до подобар и поефтин интернет? Како до навистина брз интернет? Како интернет корисниците во Македонија веќе да не бидат стрижени? Молам за одговори. Знам дека ги имате.

Што ни треба? Кампања против монополот на МТ? Бизнис план за МТ во кој ќе им нацртаме како да ја подобрат услугата и да привлечат нови корисници, наместо што ги губат постојните? Ајде Атила ве повикува: Explain it to me like I'm a five year old. Кажувајте што би сакале да видите и како тоа може да му го продадеме на МТ. Што треба: локален веб proxy, flat rate пакет, исправен мерач, пониски цени, побрз и бесплатен локален сообраќај? Јас знам дека сите го сакате ова, но кажете како да ги убедиме МТ дека тоа ќе биде и во нивна корист.

Оние што мислат дека треба бескомпромисно да се удри по МТ, подгответе идеи за анти-АДСЛ сајт. Ајде уметнички души изработете банери кои потоа ќе ги објавуваме на разни страни со линк до блог-ов или до анти-АДСЛ сајтот. Подгответе креативни пораки и флаери кои ќе се делат низ Македонија. Споделете ги со нас, фотокопирајте и делете ги по маало и оставајте ги по сандачиња. Јас ветувам дека ќе ви помогнам. Оговарaјте го АДСЛ-от кај сите што ги знаете. Досадувајте им со вашите проблеми на новинарите. Досадувајте им на луѓето од 0800, тие се таму заради вас, искористете го бесплатниот телефон :)

Оние што мислат дека не треба да се мава само по МТ, туку по сите провајдери, повелете со иницијатива за сајт каде ќе се споредува понудата на интернет во Македонија. Мора да постојат јунаци кои ќе помогнат за такво нешто. Нека има на исто место услови, цени, споредби и искуства со провајдерите од цела Македонија, за секој да може да види што е најдобро за него. Да не рече после некој дека не му кажале се кога склучувал договор.

Оние што мислат дека треба некоја институција која ќе не штити нека кажат која. Како да се разбудат државните органи? Како да направиме нашите проблеми да ги засегаат и нив? Дали е потребно здружение на интерент корисници? Како да се формира? Како да се организира? Како да се финансира? Како да не биде само уште еден клон на Сорос?

Сите идеи од „јавниот конкурс“ ќе бидат сумирани и објавени на блогов. Награди не делиме, доволна награда ќе биде ако се избориме за подобар интернет. Внимавајте! Прашањето не е што не треба, туку што треба да се прави и дали сте спремни да го направите тоа. Прашањето е многу едноставно: Со какви идеи си ти? Повели, светлото е на тебе.

Како изгледа dial-up „АДСЛ“?

На многу од луѓето што го посетуваат блогов не им беше јасно каков е тој АДСЛ со dial-up брзини. Се до вчера не ми беше јасно ни на мене кога добив порака од Наско Стојановски од Струмица. Наско е меѓу првите корисници на АДСЛ уште од 20.1.2004 година. За да го награди за ова, Телеком му пратил сметка за март 2004 во која покрај АДСЛ претплатата му биле вклучени и телефонски импулси за користење интернет. Погодувате, Наско не ја платил сметката.

Free Image Hosting at www.ImageShack.usНе сакајќи да го прават овца, тој побарал испис за телефонскиот сообраќај кој го товарат дека го направил во спорниот месец, но од Телеком наместо испис му дале тужба. На исписот прикажан лево, кој му го дале дури на судењето пред 4 дена, се гледа дека Наско многу љубел да воспоставува dial-up конекција со интернет. АДСЛ-от веројатно го чувал за украс, или можеби човекот едноставно не поднесувал добро големи брзини. На сликата е подвлечено колку е Наско педантен, па воспоставувал dial-up конекција секој ден во едно исто време (до секунда) и секогаш трошел ист број импулси. Од Телеком, соодветно педантно, за интернет импулсите му пресметале долг од 19 634,64 денари. Кога на ова ќе се додаде 18% ДДВ сумата е 23 168,88 денари. Претплатата за АДСЛ е црешичка на претходнава сума.

Сите кои не веруваа дека е можно да платиш АДСЛ, а да добиеш dial-up имаат уште еден доказ дека важи паролата „Телеком и се е можно!“. Феноменалната понуда, со која добивате две во едно, се вика dial-up „АДСЛ“. Да живее Телеком!

Разгледување на идеите

Во вжештената дискусија што се разви во коментарите на претходниот пост паднаа, барем за мене, тешки обвиненија. Дозволете да објаснам зошто некои работи не се како што изгледаат на прв поглед и да го образложам мојот став по толку спомнуваниот „долг коментар“.

Vaka dirigirano gi terame ludjeto da raskinuvaat dogovori, Zosto i koja e alternativata koja im ja nudime na tie ludje????? Ili toa ne si se zaprasal. Pa ova go svedovme samo na toa da bide protiv telekom na sekoe nivo, a ne kako bitka za podobar internet.

Никој не ги тера луѓето да раскинуваат договори, туку оние што сакаат да ги раскинат. Зарем некој може да те натера да направиш нешто што не сакаш? А, како што кажа bezvrska, никој од нас не е провајдер за да им понуди алтернатива. Борбата никогаш не била за наоѓање алтернатива туку за опстанок на оној флет-рејт што го имавме до скоро.

Сепак, да. Ова прерасна во борба против Телеком. Јас бев прописно изваден од такт од ставот и постапките на Телекомци:
  • „Пушти ги децата, нека си играат“
  • „Ние го имаме најточниот мерач во државава“
  • „Доколку е злоупотребена некоја лозинка тоа е затоа што корисникот ја дал на некој друг“
  • „Целава ситуација беше поттикната од некои конкуренти“
  • „Проблемот е во вас, не нас“
Една работа да разјасниме, повлекувањето на одлуката за наплата по симнат килобајт не беше затоа што од еднаш се сетиле АД „Македонски телекомуникации“ дека направиле грешка, туку само и САМО поради револтот на корисниците и подготвеноста да се раскинат договорите. Новата промена не е ништо поарна од претходната, но многу луѓе „се помирија со судбината“ и веќе не ги засега понатаму состојбата.

Bitka koja oni ja dobivaat i na kraj ke ja dobijat. Nastapuvame neorganizirano, na uraaaa, dolu telekom itn itn. Realnata sostojba e sosema druga i ti toa go znaes, kakva ke bide nikoj ne znae. Ne znam zosto se pritiskaat ludjeto da gi raskinuvaat dogovorite sega. Sega i nemame nikakvo baranje do niv. Ke gi raskineme dogovorite i ke go izgubime najsilnoto oruzje so koe do sega gi dobivme dvete bitki, otkazuvanjeto na dogovorite.

Не е точно дека МТ ќе ја добијат битката на суд.

За неорганизираноста до некаде се сложувам. Но обидете се да сфатите дека првите два пати кога имаше најава за некаков протест се појавија 30-тина (горе-долу истите) луѓе. Ако имате идеја како да се анимираат и активираат СИТЕ (или барем 30%) корисници, слободно кажете.

Проблемот со раскинувањето на договорите е едноставен (барем според мене): Ние сите го гледаме она Македонски во АД „Македонски телекомуникации“, заборавајќи дека тие одговараат на „виша сила“ (во овој случај Дојче телеком преку Унгарскиот телеком). Ако се повеќе корисници се откажуваат од услугата за која Мактел (т.е. Дојче телеком) има монопол, тоа ќе активира аларм некаде во Германија (бидејќи тука, очигледно, тоа не успева). Точно е дека раскинувањето на договорите е најмоќното оружје што го имаме, но ако не го употребиме ќе останеме поразени со парче хартија во рацете.

Hipoteticki ke gi raskineme so telekom dogovorite ke si potpiseme site so nekoj drug i toj ke ne ebe kako i telekomot, telekomot ke si najde novi korisnici vaka ili onaka, zosto na site ni trebe internet i sto napravivme so REVOLUCIJATA. Pa so toa sto sega ke se raskinat dogovorite nema da dobieme podobri uslovi.

Друг провајдер нема да може да не стриже. Еднаш истрижана овца не може да се стриже повторно истиот ден.

Подобри услови од АД „Македонски телекомуникации“ нема да добиеме. Да, тоа е мое мислење, но сепак тврдам дека е издржано: Нив им требаат (вкупно) 10.000 корисници до крајот на оваа година. Целта им е да ги намамат со Старт пакетот, чија цена (но не и услови) се создадени да ги намамат неупатените сопственици на компјутери. Условите на Старт пакетот некој во МТ ги видел како одлична идеја како да се исцицаат повеќе пари од останатите корисници. Да, си ја повлекоа таа одлука, но намалувањето на брзината е (до некаде) и полошо од проста причина што никој од нас нема потпишано договор за dial up врска. Во случај да сакаме да си ја искористиме брзината загарантирана со договорот, ќе мора да ДОПЛАЌАМЕ за секој симнат килобајт. Верувам дека ќе има и такви корисници (како што кажа некој во коментарите на претходниот пост, со опцијата за наплаќање по симнат килобајт, Телеком ќе создаде нова група корисници која ќе наплаќа за нијанса повеќе од нивната цена за оние 512 мегабајти).

Trebase da se soberat site onie koi sakaat da go raskinat dogovorot pa so eden pismen ultimatum potpisan od site, da se otide do telekom i da se bara podobar internet, do definicija sto nie smetame deka e dobar internet i sto smetame deka e fer ponuda. Samo togas ke gi nateravme da razmislat i mozebi samo mozebi ke uspeevme da dobieme podobra ponuda.

Проблемот е двоен тука: не може да се соберат од еднаш сите што сакаат да го раскинат договорот, а писмениот ултиматум ништо немаше да смени. Впрочем, приговорите што беа поставени на блогот и беа ултиматуми. Тие размислија и ете што излезе. Ставот на Телеком е дека флет-рејт пакет не може да има затоа што би бил „едноставно прескап“. Што е апсолутно неточно, посебно имајќи предвид дека во последните 2 години имавме токму флет-рејт ADSL. Сепак, ставот на Телеком е таков каков што е.

Vaka ke gi raskineme dogovorite i sto ke im ponudime na site tie sto gi raskinale, 1000 den za sekoj mega kaj Onnet ili p2p ogranicuvanje kaj kabelskite ili ne znam sto drugo, koe i ne e podobro od ova sto sega go imame a realno i neznaeme dali posle prvite 4gb ke prekine ili ke ostane.

Единствен некој што може нешто да им понуди на корисниците се интернет провајдерите. А за прекинување по тие 4GB, ќе го има. Како што спомнав во еден претходен пост, предвидувано било и дополнително ограничување од +2GB, по кои ќе се намали брзината на „технички неупотреблива брзина“.

Dogovorite bea za zal naseto oruzje

Ќе повторам: Тоа е апсолутно точно. Но на „улиците“ постои правило кое вели „Ако носиш оружје, треба да бидеш подготвен да го употребиш“


Како и да е. Се надевам дека ќе се продолжи со придонес на идеи, како и дека некој ќе оспори и побие некој од овие мои ставови.

01 ноември, 2005

Поменот пројде...

...скапан мерач дојде. Но за тоа по тоа.

Денеска поменот пројде во најдобар ред и мир. Се појавија доста медиуми (Телма, Канал 5, МТВ, МИА, Дневник, итн.), сите земаа по една изјава, ги снимија плакатите и благата пченица. Кој, што и како ќе објави останува да видиме.

Присуството на ADSL-џии беше слабо.

Како што веќе сите видовте, мерачот не работи. Никогаш не ни работел. Нема ни да работи. Барем не онака како што треба.

Дури и да проработи, вашите лични податоци се најнесигурни во рацете на АД „Македонски телекомуникации“, што може да се види и од рекетарската фирма Credit Express што работи за нив. Ако имате проблеми со мерачот и тој ви покажува цифри што не може ни во Велика Британија да ги направите на оној „24 мегабита за 24 фунти“ пакет, воопшто нека не ве чуди затоа што вашето корисничко име и лозинка можно е да ги имаат и други (дали вработени во Телеком или луѓе кои ја купиле од вработени во Телеком, сеедно).

И да повториме:
  • Основа за раскинување на договорот има.
  • Основа за поднесување тужба има.
  • „Враќање на старо“ нема да има. Барем не до следното лето.
Ако сакате да плаќате 1.990,00 денари за dial up ADSL, не ги раскинувајте договорите. Ако сакате Телеком да ви излезе со уште подобра понуда и поскапување за месец дена, не ги раскинувајте договорите. Ако сакате да ви праќаат писма во кои пишува дека сте разговарале со некој, а телефон не сте кренале месец дена, не ги раскинувајте договорите.

Мислам дека се е веќе кажано, јасно како ден и без потреба од натамошно детално образложување.

e-mail адресата за пријавување кон групната тужба е се уште bez_vrska@hotmail.com