30 декември, 2005

Честитки

Ласицата доаѓа да им каже „Среќна Нова Година“ на кокошките.
Kинеска поговоркa

Не давајте ласицата да ги изеде вашите другарчиња. (ласица 1, ласица 2) Пратете им честитка.

Free Image Hosting at www.ImageShack.us Free Image Hosting at www.ImageShack.us Free Image Hosting at www.ImageShack.us Free Image Hosting at www.ImageShack.us Free Image Hosting at www.ImageShack.us Free Image Hosting at www.ImageShack.us

Design by spanky ham, martin, volan, кајгана (Acid?).

Место среќна нова.

Scary Movie

Не толку охрабрувачко продолжение на оптимистичката најава:
Во Хотелот “Континентал“ во Скопје се одржа основачко собрание на Комората за информатичко комуникациска технологија и услуги Македонија („ИКТ“). На собранието учествуваа шеесетина претпријатија од информатичко комуникациската технологија...

За претседател на ИКТ комората беше избран г-дин Предраг Чемерикиќ, генерален менаџер и основач на Он Нет...

Новата комората ќе бара активно да се вклучи во работењето на КИТ (Комисијата за информатичка технологија) и Агенцијата за електронски комуникации, потоа ќе бараме да имаме увид во работата на второстепената владина комисија за јавни набавки... Исто така ќе ја охрабруваме владата, локалната самоуправа, фирмите и семејствата да ги користат повеќе технологиите, персоналните компјутери, Интернетот, мобилната и Интернет телефонија... (повеќе)
Се моли претседателот на комората, пред да се вклучи во работата на АЕК, да одговори на следното прашање:
Знам дека skopjewifi.com ви висат на глава за користење на 2.4Ghz фреквенцијата за комерцијални цели.

Може ли да се случи да не постои оннет вифи? Ако се случи Управата за телекомуникации да ве забрани, се разбира. А ако тоа се случи, многу од нас ќе бидат доста лути
Би било фино, пред да направи увид во работата на владината комисија за јавни набавки, претседателот да каже и дали некои интересни справички за нивната безжична мрежа се набавени без одобрение за увоз.
Админ коментирај!

28 декември, 2005

Фреквенции за безжичен пристап

Тројца претставници од Интернет Македонија присуствуваа на јавната дискусија за користењето на радиофреквенциските опсези за безжичен пристап до корисниците. Настанот се одржа вчера на Зајчев рид и бил многу посетен.

Некомерцијалниот фреквентен опсег од 2.4Ghz не требаше да биде предмет на дискусија, но сепак е поставено прашање зошто ОнНет го уништува истиот со енормно зрачење. Најавени се тестови од АЕК.

Повеќе овде.

27 декември, 2005

ОнНет објави цени за wi-fi интернет!

Мислев дека ова нема до го доживеам.

Пакет Wi-Fi: 512 kbps, 2GB, 990 МКД (со ДДВ)
Пакет WADSL: 768 kbps, 8GB, 2350 MKД (со ДДВ)
Пакет Wi-Fi Box: 512 kbps, 24GB, опрема, 9995 МКД (со ДДВ)

За повеќе, трк овде.
Ако кликнете овде ќе видите „АДСЛ - наскоро“. Шо збориш бе Блажо?

Првично мислам дека ми се потврди дека „дуопол“ не е многу поразлична состојба од „монопол“. Сепак, почетниот пакет им е далеку подобар по цена, брзина и по сообраќај во споредба со старт АДСЛ каде за 1500 денари се нудат „фантастични“ пола гига.

Средниот е ист по цена со макс АДСЛ (абе да бевте поинвентивни па да смислевте нова бројка), ама нуди дупло поголема брзина, дупло повеќе сообраќај.... и да, прекин на услугата по 8 гига. :( Е не, ќе ми симињате филмови. Со максот на МТ Њет сепак може да се истераат 20 гига, под услов да имате сајли место живци.

Последниот пакет од 10 000 денари е за побезболно да се стигне до опремата - има вклучено безжичен уред и USB кабел. Прашањето е: за колку време ќе направиш 24 гига? Пола месец, месец, или година?

Е сега фали уште некој да биде така добар да проба, па ако не се изгори... :)

Прашање до Телеком: ќе има уште една новогодишна понуда? Ама стварно понуда, а не од оние шарени балочиња што се дишат штом се надуваат? И да... на колку ќе биде намалувањето на брзината? На 64/64 kbps? :)

ДОПОЛНА: Од другата страна... линк 1, линк 2, линк 3, линк 4.
ИЗМЕНА: Променет е коментарот за Wi-Fi Box.

Средба во АЕК

На обуката во петокот беше искористено присуството на директорот на Агенцијата за електронски комуникации и беше договорена средба за проблемите со АДСЛ услугите. Денес, во името на Интернет Македонија, имавме двочасовен состанок во АЕК.

Бев изненаден што луѓето од Агенцијата самите предложија Интернет Македонија да ги застапува интернет корисниците во комуникацијата со АЕК. Во АЕК имаат примено повеќе приговори за АДСЛ-от и ни признаа дека би им се олеснила работата ако постои некој што ќе ги синтетизира проблемите и кој би бил некој вид посредник меѓу интернет корисниците и Агенцијата.

Беа објаснети проблемите и мислам дека сфатија дека не бараме преку леб и погача, ниту пак дека имаме некоја скриена агенда.

Во врска со намалувањето на брзината, после кратка дискусија беше прифатено дека сегашното ниво на намалување е прекршување на договорот и дека наплата на пенали во услови на променет договор е незаконска.

Покрај тоа, се опфати прашањето за контрола на мерачот на АДСЛ сообраќај - тема од која сите бегаат. Пазарниот инспекторат веќе се прогласи за ненадлежен за контрола зошто немале соодветен правилник, па не можеле да си ја исполнат обврската од Законот за метрологија (?!). Бирото за метрологија немало инструменти, а денес нешто слично беше наведено и од АЕК. Како премостување на проблемот се согласивме дека во вакви услови Телеком својот мерач треба да го замени со друг - набавен и сертифициран во странство и истиот да подлежи на контрола од странски независни тела.

Беше актуелизирано и прашањето на корисниците кои без своја волја се префрлени на пакетите со доплата по надминување на лимитот и беше побарано од АЕК да реагира кај ваквите случаи.

На крај се договоривме Здружението во текот на оваа недела да поднесе барање до Агенцијата со сите точки за кои се согласивме дека нешто може да се преземе. Не очекувам чуда, но вреди да се проба.

Там-там комуникација

Денешен Дневник повторно се бави со интернетот во Македонија. Бидејќи некои се посомневаа дека на обуката сме им ги переле мозоците на новинарите, уште еднаш ќе повторам: човекот не беше на обуката.
...На сите им е јасно дека главната причина за слабото користење на Интернетот е цената за оваа услуга, која е највисока во регионот...

Каква корист од тоа што Националната стратегија за развој на информатичкото општество може да се најде на владината веб-страница, кога него можат да го отворат само ограничен број граѓани. Досега ништо не е исполнето од тој документ, со кој се предвидува да се обезбеди евтин интернет-пристап за сите граѓани, да се либерализира пазарот и да се спречи ограничувањето на конкуренцијата.

Огромен дел од младата популација е информатички образована, но поради скапата цена не може да ги искористи сите предности на Интернетот.

Но, за Владата е важна дивидендата од телекомот за да пополни некоја буџетски дупка. И сега ајде сурфајте со "там-там" тапаните...
Целиот текст е овде.

L'art pour l'art

Во теоријата, статистиката е наука која служи за собирање податоци. Во пракса, статистиката служи за бранење или напаѓање на нешто. Така имаме тресачи на возови, кои се задолжени да создадат привид дека возот се движи, и кондуктори-диверзанти кои на патниците им објаснуваат дека тоа што возот се тресе не значи и дека се движи. Имавме случаи да се објавуваат оптимистички податоци за бруто домашниот производ, па истите да се прешминкаат во песимистички при смена на власта. Имавме случаи Статистика да објави песимистички податоци за индустриското производство, па после интензивни објаснувања дека возот навистина се движи, едноставно да се смени зачинот, т.е. статистичарот.

Во теорија, статистичките податоци служат за да се донесат правилни и навремени одлуки. Во пракса, статистиката служи за да се оправда постоењето на оние што ги собираат податоците. Ова последното го научив кога ми беше потребен конкретен податок за производството на јајца во Македонија, па човекот што беше надлежен за тоа ми рече „Тоа подобро побарај го на друго место, овој податок што ние го објавуваме е само реда ради.“

Последно, се фативме за гуша неколку блогери да се расправаме колку има интернет корисници во Македонија. (линк1, линк 2, линк 3) Целата расправа стана малку смешна, не само затоа што оние кои се надлежни мудро си молчат, туку повеќе поради намената на тој податок. Што ако Мијалче докаже дека тие 19% се релевантни, или ако јас докажам дека 6,2% се порелевантни. Кој ќе го земе предвид едниот или другиот податок и за кои практични мерки? За подобро да се примени Стратегијата и Политиката? Нема потреба за тоа. Сите се изјаснија дека стратегијата е супер. Е сега, тоа што не се спроведува... Зар такви ситници да не замараат? Си имаме ние статистика заради статистика и ич не му ја мислиме.

26 декември, 2005

Македонија и Зимбаве во ист кош

Подолу е пренесен текст од денешен Дневник. Се мислев дали ќе биде самобендисано да ставам скен, ама решив дека не е битно кој рекол, битна е пораката... еве скратена верзија:

Македонија има најскапи цени за интернет-пристап и со само 6,2 отсто од населението што користат Интернет е на претпоследното место во регионот, посочуваат од Здружението „Интернет Македонија“.

Во регионот зад нас е само Албанија, а во светски рамки сме на ниво на Зимбабве и Египет, кои имаат 6,8 отсто, односно 6 отсто корисници на Интернет. Меѓу земјите од регионот води Хрватска, со 32,2 отсто корисници. Во протекторатот Косово Интернет користат 11 отсто од граѓаните, во Црна Гора 16,1 отсто, во БиХ - 15,1 отсто, а во Бугарија - 15,4 отсто.

- Со вакви параметри не може да очекуваме брз влез во Европа и интегрирање во информатичкото општество. Квалитетен и евтин-интернет пристап е основа за широка достапност на услуги и знаења што овозможуваат забрзан економски пораст и подобрување на квалитетот на животот... Државниот апарат со недоволната агилност ги попречува интернет-процесите за што добива жолти картони од нас и ЕУ - вели Александар Николов, претседател на Здружението.

Членовите на „Интернет Македонија“ бараат Владата и Собранието веднаш да почнат да ја применуваат усвоената Национална стратегија за развој на информатичкото општество.
- Со тој документ се предвидува да се обезбеди евтин интернет-пристап за сите граѓани, либерализација на пазарот за информатички и телекомуникациски услуги и спречување на ограничувањето на конкуренцијата. Но државните органи ги игнорираат ваквите обврски. Агенцијата за електронските комуникации не ги донесува потребните правилници за либерализација на оваа дејност, за да можат и другите провајдери да се приклучат на мрежата на телекомот. Тоа би довело до намалување на цените, подобрување на квалитетот на услугите и повисоко ниво на користењет на Интернет. Владата најави дека ќе продаде пакет-акции во телекомот, па повикуваме дел од парите од продажбата да се искористат за да се спроведе стратегијата - вели Николов.

Од катастрофално ниското ниво на користење на Интернет е најпогодена младата популација, која не може да биде во чекор со врсниците од европските земји.

Лицемерие

Десно е писмо од Телеком како одговор на состанокот во врска со АДСЛ во Министерството за економија, одржан на 18.10.2005. Таму беа утврдени повеќе заклучоци, меѓу кои:
  • МТ да не наплаќа пенали од оние што раскинаа во периодот додека важеше огласот за новите цени;
  • да се дефинира брзината на која ќе се намалува брзината и тоа да не биде под нивото на broadband;
  • да се провери дали мерачот на сообраќај ги исполнува условите пропишани со законот за метрологија.
Едно делче ме изненади:
„...АД Македонски телекомуникации како компанија стратешки ориентирана на исполнување и задоволување на комуникациските потреби и можностите на своите корисници [?!] ...уште еднаш покажа дека ги прифаќа и имплементира препораките од своите корисници и институциите надлежни за заштита на нивните права.“
Аууу, кој би рекол!

Лево е одговорот. Тоа се добро познатите работи за кршење на договорите, неправилно мерење на сообраќајот, непочитување на законите...сега дополнети и со мистериозното префлање на корисниците на пакетите со доплата. Бидејќи МТ „ги прифаќа и имплементира препораките од корисниците и институциите за заштита на нивните права“ очекувам уште утре да реагираат. Да бе, не знаете што срцки се овие!

25 декември, 2005

За поинформирани новинари

Во петокот се одржа обуката за новинари „Либерализација на телекомуникацискиот пазар и зголемување на интернет-пенетрацијата во Македонија“. Настанот беше организиран од здружението Интернет Македонија и Фондацијата Метаморфозис. Се зборуваше за проблемите, можностите кои ги нудат законите, кој е одговорен за нивното спроведување или неспроведување и што треба да се направи за да се одглават работите. Обуката ќе биде успешна ако во иднина новинарите повеќе внимание посветуваат на прашањето како до подобар интернет и притоа ги отвораат вистинските теми.

Поздрав до луѓето од Министерството за транспорт и врски и до Агенцијата за електронски комуникации за нивното учество и за отвореноста за соработка. На моменти обуката прераснуваше во вистинска расправа меѓу луѓето од ИНТЕРНЕТ МАКЕДОНИЈА и претставниците од институциите, но тоа беше одлична можност за сите присутни да добијат пореална слика за состојбите. Директорот на Агенцијата, Коста Трпковски, покани претставници од ИНТЕРНЕТ МАКЕДОНИЈА на средба следната недела на која би се разговарало за проблемите со АДСЛ-от и за она што ќе го преземе Агенцијата. Тоа беше и целта на здружението - да се обраќа до медиумите, јавноста, операторите, државните органи и меѓународните организации за да се избори за подобар интернет во Македонија и за заштита на правата на корисниците. Ќе видиме дали поканата од АЕК беше искрена.

Повеќе, на сајтот на Метаморфозис. Делови од пресот, кој се одржа еден ден претходно, пренесоа Утрински, Канал 5 и НВО Инфоцентар.

21 декември, 2005

Како до подобар интернет (2)

Другото решение, покрај либерализацијата на мрежата на МТ, е изградба и користење на алтернативни мрежи (кабелски телевизии, безжични решенија, broadband преку кабли за струја). Во двата случаи се очекува зголемената конкуренција да ги смали цените и да ги подобри услугите.

Алтернативните мрежи веќе постојат со развојот на кабелските телевизии, но проблемот е што не ја опфаќаат цела Македонија, само дел од нив можат да нудат интернет, а уште помалку можат да нудат интернет со задоволителен квалитет. Безжичната мрежа на ОнНет крена многу врева, но засега функционира нелегално (линк 1, линк 2), а ретко кој очекува многу од дуопол. Веќе се виде на примерот на Мобимак и Космофон дека тоа не носи значајни подобрувања.

Најинтересна можност за брз пад на цените предлага Жарко и неколку луѓе од Арпанет - бесплатен wi-fi интернет. Капацитетот би бил мал, но сосема доволно за во одреден период да ги размрда провајдерите - и со цени и со квалитет.

За тоа да се оствари, АЕК треба да изврши распределба на комерцијални фрекфенции и да ги спречи злоупотребите на фрекфенцискиот спектар. Во двата случаи како кочничар за подобар интернет се јавува АЕК. Да се знае кој е крив и кој треба да се удри по глава.

Интересен сајт: MuniWireless
Цитат:
This site is devoted to municipal wireless broadband projects worldwide that are funded or supported by cities and towns...

We included a category called Community Wireless to highlight wireless projects organized and run by local residents, with or without support from the municipality. These grassroots initiatives — run by volunteers — force local and regional governments to remove barriers to affordable wireless (and wired) broadband access. Where governments have been too slow and risk-averse, these groups unwire their communities with do-it-yourself networks.

Владата ќе ја послуша Европа... едно 2/3

Конечно. Владата ќе ги шитка акциите од МТ. Според предлог-буџетот, една третина ќе задржи за да има постојан увид во работата на монополот. WTF?! Увид! Што аир видовме од досегашниот увид кој го имаа. Во мафијашките филмови главниот шеф секогаш мора да пази колку земаат малите шефови за одма да ги спука ако му кријат дел од пљачката.

Опозицијава е комична кога скока против ова. Истите луѓе кои стоеја зад продажбата на МТ. Им го разбирам „вознемирот“ кога гледаат како им се намалува потенцијалниот имот што би сакале они да го молзат. И ова:
Парите од продажбата ќе се употребуваат за полнење буџетски дупки и враќање долгови.
Ете, толку трубената национална стратегија за информатичко општество и натаму ќе служи како украс за полици.

Edit: насловот е сменет зошто се поклопи со наслов на пост на Panta Rei.

20 декември, 2005

Та не сме само ние

Минатата недела во рамки на Сојузот на стопанските комори се иницираше создавање на Комора за информатичко-комуникациски технологии и услуги („ИКТ Комора“). Детали пренесе денешен Дневник.
Иницијативата за ИКТ-комора ја покренуваат 25 фирми од речиси сите полиња на дејности како софтверски куќи, хардверски и софтверски дистрибутери, Интернет и кабелски оператори, продавници за ИКТ-опрема и услужни фирми...
Очигледно не сме единствени незадоволници:
Монополот на "Македонски телекомуникации" го забавува инвестирањето во информатичко-телекомуникациска технологија и услуги...

- Целото македонско стопанство го трпи монополот на телекомот и плаќа исклучително многу за телефонија и за Интернет во однос на другите земји во Европа. Во такви услови, претпријатијата се исцрпуваат финансиски и се сконцентрирани на "преживување". За инвестирање во поголем обем во информатичко-комуникациска технологија не ни помислуваат - велат во ССК...
На исти места ги лоцираме проблемите:
Во ССК укажуваат дека државните тела, Комисијата за информатичка технологија и Агенцијата за електронски телекомуникации малку направиле за да се зголеми бројот на корисниците на компјутери, Интернет и мобилна телефонија. Поради тоа сме на последните места во регионот во овие категории...
Еве одличен партнер со кој може да соработува ИНТЕРНЕТ МАКЕДОНИЈА.
(Линк 1; линк 2)

19 декември, 2005

Хрватска Vs. Deutsche Telekom

Хрватското искуство е интересно за нас. Таму либерализацијата на локалната мрежа на хрватскиот телеком (ХТ) законски требаше да почне со почетокот на годинава. Нивната агенција за телекомуникации малку се заборави, па го донесе правилникот за пристап кон локалната јамка во април 2005. После тегавење од дополнителни 6 месеци на 20 октомври Aгенцијата за телекомуникации донесе одлука да ја корегира референтната понуда на ХТ. Со тоа ги намали за 32% месечните цени кои новите оператори ќе мора да ги плаќат за пристап до телефонските приклучоци (од 10 евра колку што барал ХТ, на околу 7 евра по приклучок).

Еден од нивните провајдери со многу инвентивно име - Х1 - дури најави и АДСЛ2+:
Odluka Agencije omogućava i da H1 na hrvatsko tržište uvede najsuvremeniju telekomunikacijsku uslugu – Triple play. Koristeći ADSL2 + tehnologiju građani će polovicom iduće godine, kroz jedinstveni priključak, po jedinstvenoj cijeni dobiju – telefonske usluge, 40ak TV programa i pristup Internetu, čija je brzina nekoliko puta veća od trenutno prisutnih na tržištu i doseže i do 24 Mbit-a u sekundi", kažu u H1.
Ова е планирано во соработка со Самсунг, кој имаше и еден предлог за broadband, VoIP и ТВ преку мрежата на ЕСМ, ама нашата Влада го одби пошто и е поедноставно да го шитне ЕСМ одошто да инвестира во него.

Препродажбата на Телекомски АДСЛ од страна на други оператори и bit-stream услугите не носат пониски цени, па затоа не ги гледам како алтернатива за либерализацијата на локалната мрежа (LLU). Во Хрватска и порано имаше препродавачи на АДСЛ-от, но тоа го правеа како привремено решение само колку да стекнат корисници се додека не се разврзе локалната јамка, што фактички се случи во ноември 2005.

Значи, на Хрватите им требаа 10 месеци за ефективно LLU. Кај нас сите документи за LLU требаше да се донесат до 5-ти септември, но тоа не е направено. Дежурно алиби на Владата е дека АЕК е независно тело. Бреееј! Ја се си мислев дека функционери се назначуваат по партиска директива врз основа на коалициски договор што се оверува во Собранието. А тоа - АЕК независна, Собранието независно, само ние зависни од интернет. Од АЕК се уште поинвентивни, па стално се вадат со тоа дека се во „процес на формирање“. Како да не сумњам дека ваквото развлекување не е во договор со МТ, за уште малку да си го продолжат времето на непречено музење?

Како до подобар интернет за сите (1)

Најголема пречка за ова се мрежите до крајните корисници. Цената за нивна изградба надминува 1/2 од вкупната инвестиција потребна за да се нуди интернет. Во моментов единствено МТ имаат комерцијална мрежа која ја покрива цела Македонија и во вид на телефонски приклучоци стигнува до скоро секоја институција, куќа и стан. Тоа ги става во нефер предност пред останатите провајдери, кои тешко можат да го преземат ризикот да градат паралелна мрежа, во услови кога МТ може во секое време да ги намали напумпаните цени и да им ја направи инвестицијата неисплатлива.

Затоа се бара либерализација на постојната локална мрежа на Телеком (Local Loop Unbundling), што значи дека секој оператор ќе може да нуди услуги преку нивната бакарната мрежа - за одреден надомест кој е фер и еднаков за сите.

За да се случи ова треба заспаната убавица да изготви соодветен правилник и да го притисне Телеком да објави фер услови и цени за користење на нивната локална мрежа. Жарко во коментар на претходниот пост напиша дека оваа варијанта ќе даде резултати само ако дојде во пакет со нов странски провајдер. Се слагам со него зошто мислам дека постојниве провајдери немаат воља ни капацитет да инвестираат во DSLAM-ови и друга опрема за АДСЛ.

18 декември, 2005

СТОП за Старт

Старт АДСЛ е за глупави! Тој пакет треба да се укине.

Маријана Лончар Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачите на Македонија

Главен аргумент против StartADSL е неговиот преварантски карактер. Наменет е за broadband почетници, на кои веројатно нема да им биде јасно колку се 512 MB, па може да земат да пичат... До каде? Ај мала математика... Теоретската брзина на АДСЛ е 384 kb/s, а реалната ќе земеме дека е 85% од тоа. Ако врската се користи 30 дена со полна брзина ќе се направат над 100 GB сообраќај за неверојатна цена од само...43 000 денари?!

Ете од кај е името на пакетот! Стрижењето почнува со 1500 денари, а после тоа - the sky is the limit. Зошто првите 512 МB чинат 1500, а секои наредни 207 денари, е сторија за Unsolved Mysteries.

Друг метод на пљачка е што се наплаќа за започнат блок од 512 MB. Ова значи дека за 1 KB може да платиш 207 денари, а останатите 524 287 KB да им ги дадеш како бакшиш на МТ за „одличната“ услуга. Е ај за промена нека частат МТ: нека наплаќаат за секој завршен блок од 512 MB, а оние кои нема да го завршат блокот...нека им е со среќа, и онака се ближи Нова Година.

За крај, мала регионална компарација - во Хрватска, која има 80% повисок стандард од нас, Deutsche Telekom го продава StartADSL за 850 денари! Со се ДДВ. Секој нареден блок од 512 MB се наплаќа дополнителни 167 денари, но само ако од него се искористат повеќе од 256 MB... А да, брзината е 512/128.

Старт АДСЛ - неограничени можности за стрижење. Повелете во салоните на МТ.

Edit: Jован ме поправи дека цената на стар пакетот во Хрватска не е 167, туку 850 денари. Јас гледав овде каде дале цена од 20 куни за старт пакет, ама не видов дека наплаќаат и 79 куни за минималната брзина од 512/128. Ете, кога е Deutsche Telekom во прашање човек треба да пази на секое ќоше од понудата, за да не добие некои чудни сметки.

14 декември, 2005

Има ли пилот во авионот?

Пенали за раскин на прекршен договор, прекумерни пенали, лудо мерење на сообраќајот, сместување во пакет со доплата без барање од корисникот, наплата за период во кој е демонтирана услугата... 1001 прича. Може ваквите исповеди на среќни АДСЛ корисници да ги штампаме и да ги делиме пред салоните на МТ. Поголема антикампања - здравје. Ова беше насловено „Така ми треба!“

Здраво,

Во кратки црти сакам да ви ја раскажам мојата тажна, но сепак вистинита приказна. Корисник на АДСЛ сум од 03.06.2005 со договор на две години. На ден 03.10.2005 поради добро познатото известување во весниците поднесов приговор и барање за раскинување на договорот. Исклучувањето беше спроведено уште истиот ден со исклучување на АДСЛ конекцијата, а веќе наредниот ден вработено лице во АД „Македонски Телекомуникации“ изврши демонтирање на АДСЛ опремата (АДСЛ модем и сплитер). По изминати две седмици операторот донесе решение со можност на враќање на претходните услови (намалување на брзината по изминати 4ГБ сообраќај). Преку телефонски повик ми беше понудено од страна на вработени во АД „Македонски Телекомуникации“ повторно инсталирање на АДСЛ приклучок без надомест за повторно инсталирање на опрема. На 21.10.2005 како уредно учениче поднесов писмено барање за повторно приклучување и инсталирање на АДСЛ приклучок бидејќи немав другo решение освен Dial Up, а верувајте ги пробав сите ама на ниедно неможев да се приклучам (OnNet WiFi,CABLE ZORA итн.) Службени лица од АД „Македонски Телекомуникации“ на 23.10.2005 повторно ми го приклучија фамозниот АДСЛ приклучок. Со ова јас немав АДСЛ интернет од 03.10 до 23.10.

Во сметката за месец октомври многу добро ме изненадија со следнава ставка:
  • Макс АДСЛ период 01.10.2005-03.10.2005 со единечна цена од 193,00 денари без 18%ДДВ (ова е ОК)
  • Макс АДСЛ период *04.10.2005-16.10.2005* со единечна цена од 835,00 денари без 18%ДДВ (воопшто не е ОК)
  • Макс АДСЛ период *20*.10.2005-31.10.2005 со единечна цена од 770,00 денари без 18%ДДВ (не е ОК)
Ги свртев добро познатите бројчиња и којзнае по кој факинг пат им објаснив што се деси и нормално добив одговор дека треба да напишам приговор.Повторно како добро, примерно и уредно учениче засукав ракави и скроив уште еден приговор. Се смирив и продолжив да користам супер брз интернет. И тоа не е се. Цел ноември се стискав и пазев што симнувам за да не се нервирам повторно со Dial Up и имав некои си 3ГБ. Последните денови од ноември решив да се почастам со некој филм,некој албум и апдејт на неколку програми. Брзината не ми падна и ми рекоа дека не било автоматски намалувањето на брзината т.е. да не се секирам. Со резерва бев но воглавно не се секирав... аха да
Денес ми стигна сметката за Ноември. ШОК!!! Да повторно! Татко ми(екс вработен во МТ) по обичај ми се истури мене...
Еве ја факинг екстра ставката овој месец:
  • Вкупно реализ. ADSL сообр. 5.615,89MB
  • Реализ. ADSL сообр. со доплата 1.519,89МБ
  • Пресмет. единици 3 512,00МB
  • Единечна цена (без 18%ДДВ) 175,00
  • Вкупно 525,00
Тоа е тоа! Сега го пишувам мојот 5 приговор за АДСЛ и оваа тажна приказна. За момент ќе ги заборавев моите среќни мигови со мерачот кој си работеше експоненцијално иако мојот компјутер, лозинка итн. не работеа и пријатните разговори за спомнатото со пријателите од тех. подршка (да ми го задржат малце) упс ми излета...
...немам веќе зборови и нерви за нормално, културно и разбирливо да пишувам...

ПОЗДРАВ
Никола Ѓорѓиевски

13 декември, 2005

Што му фалЕ на интернетот?

На еден пост кај Мијалче се разви дискусија за проблемите со интернетот во Македонија. Мало резиме:
  • потребни се разновидни локални содржини кои би ги привлекле луѓето на интернет (Тони);
  • jас си мрчев за либерализација на мрежите, создавање на алтернативни backbone мрежи од оптиката на МЕПСО и Железница;
  • мора цените да бидат достапни за широките народни маси, а на корисниците да им се понуди поголем избор и фер третман (JS);
  • Јован предложи 5% ДДВ за интерент услугите, инвестирање во мрежата на МАРНЕТ и негово полно вклучување во ГЕАНТ и ИНТЕРНЕТ2 проектите, како и имплементација на националната стратегија и акциониот план (PDF);
  • volan бараше вистинска конекција, а не dial-up фемкање и ја замоли Владата за троа пари за папирите, подобри закони и нивно спроведување.
  • Мијалче ја затвори дебата со предлози за обука по англиски и за употреба на компјутери, популаризација на интернетот, „повеќе блогови, повеќе веб страни, попусти на компјутери од фирми, повеќе кредити од банките“.
Што бурек изедовме. :)

ИНТЕРНЕТ МАКЕДОНИЈА на суд

:) Нит нè тужат, нит тужиме, само стигна решението за регистрација. За да нема забуни - здружението нема да се занимава само со МТ или само со АДСЛ. Цели на Здружението се:
  • поддршка во решавањето на проблемите и заш- тита на правата на интернет корисниците;
  • создавање услови за подобар, попристапен интернет за сите граѓани на Македонија;
  • создавање услови за поголема интернет пенет- рација во Македонија, и
  • промовирање на можности за продуктивна упо- треба на интернет.
Кој сака да се придружи нека прати мејл. Прва активност на здружението ќе биде подготовка на обука за новинари за интернет пристапот и интернет пенетрацијата во Македонија. Обуката ќе се изведува во соработка со Метаморфозис и ќе има за цел да ги запознае новинарите со можностите и проблемите на ова поле, за да може подобро да ја информираат јавноста. Медиумите и до сега ни беа едно од најсилните оружја, а се надевам дека во иднина ќе бидат уште повеќе. Повели ако имаш предлог.

12 декември, 2005

Раздели, па владеј!

Основното правило на „менаџментот“ со робови, и после толку векови, се уште важи на овие простори. На дел од оние што рекоа дека не сакаат АДСЛ dial-up, Телеком им прати новогодишна честитка - сметка со м'сни пенали. Други пак, куртулија од вакво барање да помогнат во полнењето на џепот на кутрите Унгарци и Германци. А да... Да не ја заборавам и нашата Влада и нејзиниот велелепен буџет. Тој е поважен од сè и е веројатно единствената причина зошто постоиме.

Ако доби развод на бракот без последици - честито. Ако не, прати на мејл детали кога и како си раскинал. Од кукање и трпење нема фајде. За да не не сепарираат во различни трла - па така разделени, полесно да не стрижат, музат и колат - треба сите заедно да се ангажираме во АДСЛ антикампања. Јас сум магаренце, а ти?

07 декември, 2005

Инкрементално правопропорционален

Еден многу добар дечко вака го нарече АДСЛ мерачот на МТ. Со други зборови: колку повеќе сркаш, толку повеќе те краде. Како и да го крстиш, останува извор на приказни за во рубрика “Believe it or not!”...или евентуално за “Живот пише драме”. На 1-ви декември ми пиша еден „задоволен“ корисник кој во оо:32 веќе „направил“ 202 МB. Тоа се 860 kbps. Кловновиве од Телеком пак си играат, бидејќи добивам повеќе вакви мејлови.

Петар ми пиша:
На 01.12 во 03:20 го проверив сообраќајот на „мерачот“ и покажуваше 320 МB. Се јавив дента и ми рекоа дека било префрлено од претходниот месец и ќе го средат. На 02.12 пак го проверив, немаше ништо сменето. МB беа покачени. Пак им се јавив, пак рекоа ќе биде денес. На 3-ти истото. Денес 04.12, пак им се јавив и ми рекоа јавете се утре од 8 до 16, па нека проверат. Му викам, на ИГОР беше од МТ, дека ова се случува од 1-ви, ме мотате секој ден, а дечково ми вика “Шо да ви правам, тоа ти е!!!”
Според Никола, мерачот го мрзи да мери, па покажува исти бројки секој месец.
Најново што ми се случи денес на работа, во Бетон-Штип. Имаме офис пакет, ама нешто денес многу споро ми одеше врската, се јавив кај операторите и ми викаат сè е во ред во Штип. Ми текна да проверам проток. Кога го сторив тоа се фрапирав. Имено минатиот месец до 07.11.2005 „имавме“ проток 11234 МB. Сега 12-ти месец, ист датум, ист проток и пак ограничување. Kаква ли случајност или темпиран бројач? Се јавив на 080012345 и таму ми велат, скенирај вирус е. Ајде јас скенирав и ништо. После викат дека имале неколку слични проблеми во Македонија кои наводно биле поврзани со вируси и ги решиле. Ми предложија да ја сменам лозинката и тоа денес го направив. E сега, они треба тоа бројачот да го штелуваат коректно, па тогаш мислам ќе биде во ред.
Има и теории дека мерачот е само програмче за генерирање random number. Според Јован: тоа е кога на 2-ри ќе ви покаже 3 GB, на 3-ти 1, а на 4-ти повторно 3 GB.

Да ги прашам од МТ: Да не треба да го објавиме името на вашиот колега кој вака незгодно го програмира мерачот? Или евентуално името на неговиот шеф?

EDIT: И Владимир има проблем со мерачот. Според она што го напишал мислам дека би го крстил физички-невозможно-прогресивен.

06 декември, 2005

Кревајте бука!

Според вработени во МТ, овие се во хаос во врска со АДСЛ-от. Имаат добиено голем број приговори и известувања за раскинување и самите вработени во правната служба на Телеком признаваат дека со постапките ги имаат сменето условите на договорот. Во моментов се чека одлука од Арбитражната комисија на МТ, која треба да реши што ќе прави во врска со купиштата хартија што ја имаат примено.

Уште се залажуваат дека работите ќе се смират, па прибегнуваат кон курвински тактитки на затворање на салони и непримање на приговори/барања за раскин. Затоа моја препорака: поднесувајте приговори, жалби, барања за раскинување.

Утре ќе поднесам претставка до Државниот пазарен инспекторат за промената на брзината и за нечесност на договорите, заедно со допис кој Организацијата на потрошувачи на Македонија ќе го препрати до Советот за заштита на потрошувачите.

Бројот на нови АДСЛ договори им е многу опаднат и најверојатно нема да го исполнат планот за оваа година. Затоа најважно од сè: објаснувајте на сите што ги знаете дека МТ се лажговци, а АДСЛ-от е жива измама.

05 декември, 2005

Разбудете ги од Агенцијата

Жалба до АЕК за сите што го поднесоа приговорот за намалувањето на брзината. Пожелно е да го поднесат и оние што раскинаа како дополнителна заштита од пенали. Може да се достави денес и утре. Во претходниот пост се дадени приговори на „одговорот“ на МТ.
  1. Прва верзија е за оние што имаат потпишано Барање за користење АДСЛ услуга (тоа е оној документот кој се потпишува пред потпишување на договорот).
  2. Втора верзија е за оние што не потпишале Барање за користење АДСЛ услуга (т.е. оние што поднеле барање по телефон, и не им подметнале да потпишат Барање кога го потпишале договорот).

04 декември, 2005

Несоница

EDIT: Имаше грешка во линкот до приговорите...sorry.

Знам дека е недела, ама брутално ме разбуди еден лилјак... и не знам зошто - одма почнав да мислам на МТ :)

Прашање е колку ова има смисла, но некои луѓе ме замолија па еве... Подолу има приговор на „одговорот“ од МТ, кој е упатен до второстепената комисија на МТ (онаа што му одобри раскин без пенали на Бидик). Има 2 страни и вреди да се проба, ако ништо друго за уште еднаш да им се повтори дека има незадоволни муштерии. Денес или утре ќе бидат објавени и претставки до Агенцијата и Пазарниот инспекторат кои би било добро да ги поднесе секој незадоволен АДСЛ корисник.

Оние што не сакаат да раскинат го поднесуваат како „приговор на одговор“...Оние што пратиле известување за раскинување можат да бираат - дали ќе го поднесат како приговор или ќе бараат да им дадат формулар за раскин на договорот, па во формуларот во делот “Забелешки” ќе напишат дека во прилог доставуваат приговор на поднесено известување за раскинување. Ако тетката не сака да го прими второво, барањето за раскин може да го поднесат во тој салон, а приговорот - истиот ден во друг салон или како препорачано писмо по пошта (и во двата случаи да се назначи дека е за “Арбитражна комисија”).
  1. Прва верзија е за оние што имаат потпишано Барање за користење АДСЛ услуга (тоа е оној документот кој се потпишува пред потпишување на договорот).
  2. Втора верзија е за оние што не потпишале Барање за користење АДСЛ услуга (т.е. оние што поднеле барање по телефон, и не им подметнале да потпишат Барање кога го потпишале договорот).
Двата документа можат да се поднесат во рок од 15 дена од приемот на одговорот. Првите одговори почнаа да стигаат негде на 22 ноември.

01 декември, 2005

Автентичен имиџ

Некои будали на Запад фрлаат дебели пари за да го постигнат ова. Кај нас компанија со 100 милиони евра профит штеди на сè. После трилемата дали АДСЛ момчето е Македонче, Бугарче или Грче, johnnes го актуелизира прашањето: Што има заедничко АДСЛ-от на МТ со българските студенти и со младежките програми за културен обмен? Изгледа цените на Ориндж се исто така високи како на МТ, па истите луѓе се колективно шокирани и на нивниот сајт.

Што следно? Чекам вест дека АДСЛ момчето уствари рекламира хот-лајн услуги во Индија. Хм. Сега ми текна на една фотка од adsl.com.mk каде се гледаа само нозете на тетка на која и паѓа прслучето. Гарант тетката негде ја има цела...онака, ослободена од стегите.

Се менуваат времињата

На времето се велело „Плаши се од Данајците и кога ти носат подароци“. Во овој стил предвременото враќање на АДСЛ брзината извади од памет многу запустени корисници на dial-up АДСЛ. Знаеме дека кога е МТ во прашање секогаш има и бетер...бетер на турски, не на англиски.

Фотка лево: среќен АДСЛ корисник, кој слабо поднесува големи брзини, во афект го гушка мониторот откако видел дека и по крајот на месецот му останала dial-up „брзината“. Среќни- кот е Рубин од Битола, а детали видете тука. Обрнете внимание на брзината на пристап, датумот и времето.

Ете како се менуваат времињата. На времето се викаше „Да даде Господ куќата да ти биде на CNN!“, после Трендо се прослави со честитката до реформаторите „Да даде Господ најблиските и најмилите да си ги бараат по нивните едношалтерски системи“, а сега сме сведоци на раѓањето на уште една модерна клетва: Да даде Господ да склучиш АДСЛ договор!