31 јануари, 2006

Виртуелна демократија, виртуелна правда

Ги оправивме демократијата и правото во реалноста, па сега останува уште да го средиме сајбер или кибер просторот - сеедно. (интересен текст од Ивица Антевски)

Дарко Булдиоски (komunikacii.blogspot.com):
На блоговите имало навреди, и директни и кон трети лица. Би можел, ама никој не го гледа интернетот како дел од правниот систем кај нас, па можеби и не му било грижа за овие изјави. Инаку, МТ-нет би можеле да ги тужат рЕволуција без проблем.
александар з:
Ај пак? За што да нè тужи? За слаб квалитет на волната што ни ја стрижат? Сме кажале нешто што не е точно? Баш би сакал да нè тужат - тоа би било вистинска фешта (пардон - фестивал, празник). Ко што Костов може да му се фати (за цвикери) на Младенов со тужбата, така и мт-њет нам (за кракатау - кој не разбира, не ни може да разбере).

30 јануари, 2006

Иди у к...

„Сервисот“ на двигателот на информатичкото општество кај нас, во светот и пошироко, download.idividi.com.mk вчера беше мета на некои злонамерници.


Инаку сервисот на срцките стартувал со работа на 25.9.2005...неколку дена пред огласот во Дневник со кој МТ најавиja воведување на доплата од 207 денари за секои пола гигајбат надминат АДСЛ сообраќај.

26 јануари, 2006

Ќутењето најчесто не е злато

Пред некој ден на блогот е-бизнис, Мијалче пишуваше како останал без кабелски интернет од ОнНет, наводно по вина на Телекабел.
Дали тоа со ми се случи е етички или не, и дали има прекршување на правата на корисникот нека му ја мислат организациите (владини и невладини), затоа и се формирани.
Не е ништо ново корисниците на интернет да се жалат дека нивните права се прекршени. Она што е интересно е што многу мал дел од нив се обраќаат до организациите што треба да ги штитат. Не велам дека тие се супер, ама како некој очекува истите да регираат ако не се пожали до нив. Затоа, следниот пат кога некој Оператор ќе ти стапне на жуљ, јави се во ОПМ, јави се во АЕК, во Пазарен инспекторат, можеш да се јавиш и овде. Телепатијата не е секогаш успешен метод за комуникација.

Интернетот ќе продолжи да сецка

Веќе пишував за ова ама изгледа никој не обрна внимание. АЕК ќе донесе правилник според кој на Операторите ќе им биде дозволено да ги остават корисниците без интернет два дена во месецот. Според законот за електронските комуникации корисниците имаат право на обештетување при прекин на услугата или несоодветен квалитет. Но според овој правилник ова право ќе може да се оствари само ако има 48 часа континуиран прекин на услугата.

За споредба, МТ наплаќа дебела затезна камата за секој ден закаснето плаќање на сметките. Во октомври и ноември МТ не даваше соодветна услуга неколку дена, а за тоа на никого не одби од претплатата - за обештетување да не пишувам. Изгледа слично ќе поминат и корисниците на ОнНет. Со овој правилник ваквата „правда“ ќе биде легализирана. Прекините што се под 48 часа воопшто не се земаат предвид, па, кумулативно, ќе можат да траат и подолго од 48 часа во месецот. Традиционално, корисниците ќе си платат 100% за x% од платената услуга.

Државата ги штити МТ!

Ова е еден од оние „добро утро“ написи. Но и тоа е вест во услови кога во АЕК и Владата се прават на Тошо.
- Агенцијата за електронски комуникации, иако е надлежна да ги штити интересите на сите компании од овој сектор, но и интересите на крајните корисници, до овој момент очигледно ги штити само интересите на "Македонски телекомуникации". Наместо либерализација на пазарот, Агенцијата застанува зад интересите на монополот и свесно го попречува работењето на реалната конкуренција на телекомот со дезинформации, непостапување за приговори, неотвореност за контакти и информации и со нетранспарентност за донесените подзаконски акти - велат во "Нексттел".

Тие се сомневаат дека на овој начин на телекомот намерно му се овозможува што подолго да биде монопол на пазарот, со што се кршат многу закони, а не само Законот за електронските комуникации.

- Обврските што Владата ги презеде со одговорите на Европрашалникот, за телекомуникациите и антимонополистичките закони и за пазарни правила, воопшто не се совпаѓаат со реалноста, а нејзините заложби очигледно се само декларативни - велат во "Нексттел". (Дневник)

24 јануари, 2006

Тошо

Референтната понуда за интерконекција досега се оценуваше како клучна пречка за влез на конкуренцијата на "Телеком". Но, се чини дека на повидок е друга сопка, која дополнително ќе ја пролонгира конкуренцијата. Сега на виделина излегува дека "Телеком" не може да добие конкурент се додека прво, согласно со Законот за електронски комуникации, не се усогласат концесиските договори на фиксниот оператор, а со тоа и на мобилните оператори. (Утрински)
Веројатно најголем дел од јавноста ќе го купи овој фол дека на „надлежните“ сега им текнало дека концесискиот договор е пречка за либерализација на пазарот. Мене овој скеч ми е бајаги комичен. Сите во АЕК и во Министерство за транспорт и врски добро знаат веќе неколку години дека нов закон за електронски комуникации ќе значи и ревизија на Договорот за концесија склучен со МТ. Дури и во самиот Договор е предвидено негово ревидирање при промена на законите. Зошто оваа процедура не започна пред една година, кога се донесе законот?
Очигледно некому во Македонија, покрај на „Телеком“ му одговара одолжувањето на конкуренцијата во телекомуникациите.
По моја прогноза нема да видиме ни л од либерализација или LLU уште најмалку година и пол. Сега неколку месеци ќе се надмудруваат АЕК и Министерството дали прво треба да се ревидира концесијата или прво треба да се донесат правилниците. После до максимум ќе се развлекува тендерот за избор на консултантска куќа која ќе го води процесот на ревизија. Па после, најмалку пола година као нешто ќе преговараат Владата и МТ. Па ќе фатат избори, кадровски смени, па новите фаци дур добро се подмачкаат за да им тргне работата... Па после решенија, жалби, тужби и контратужби - кога ете поминала и 2006 и добар дел од 2007. Наградно прашање: Колку милиони евра ќе исцедат од нас до тогаш?

Почитувани корисници...апстинирајте!

Повторно драматични најави од интернет провајдерите. Не паѓаат цените, не се подобруват услугите, туку на сцена пак се вратија мрачните сили со разно-разни напади. Внат- решниот и надворешниот непријател сакаат да го кутнат митот за безжичната земја каде наголемо фрчат донации на АДСЛ. Лани се прославија МТ со неколкуте денови никаков интернет, а сега и ОнНет насекаде се жали на слични маки. Ваквите дешавки завршуваат само со алузии за „злонамерниците“ и кри- вичните пријави што ќе следат. Најдебелиот крај традиционално го извлекуваат корисниците. Тие ќе бидат „малку“ отсечени од светот, а на крајот на месецот ќе им дојде сметка како ништо да не било.

Е сега, има една работа која се вика Закон за електронските комуникации. Во него има одредба со која во ваквите случаи се пропишува враќање на претплатата и исплата на обештетување на претплатниците. Пред некој да се залета да сонува милионски суми, вреди да се каже дека одредбата не се применува. Агенцијата за електронските комуникации има дежурно алиби: Правилникот за тоа е во изработка.

Во идниот правилник ќе стои дека корисниците имаат право на обештетување само ако има 48 часа континуиран прекин на услугата. Што се два дена без интернет? И онака служи само за мкнење порки. Вежбај малку апстиненција.

Е-влада без Е-граѓани

Вечер oбјави крунски доказ дека платите ни се мали:
Цените за АДСЛ (асимет- рична дигитална линија) услугите споредено со платите во државата изнесуваат 20 отсто. За споредба, тој процент во Велика Британија е 0,75 отсто.

Да не се осеќаме како црнци даден е процентот за Јужна Африка - 42 отсто.

Главната слика, како што беше посочено од Здружението "Интернет Македонија" е тоа дека за скапата цена што ја плаќаат македонските корисници добиваат неквалитетна услуга, мал е изборот на понудените интернет-пакети, отежнат е пристапот до неразвиените средини, корисниците не добиваат компензација за пречките што настануваат во интернет-врските... Сето ова произлегува од монополската позиција на "Македонски телекомуникации". Има само едно претпријатие што ја има доминантната моќ, а главниот виновник за тоа е државата... Агенцијата за електронски комуникации има моќ да го регулира овој пазар, има моќ да наметне цени... Други причини за нискиот процент на користење на интернет се ниското ниво на писменост на населението, нискиот стандард (30 отсто сиромашни во државата, 39 отсто невработени), како и јазичните бариери...

Се прави Е-влада, во време кога интернетот е достапен за многу малку луѓе. Процесот треба да биде обратен. Да се реши проблемот со пристапноста на интернет-услугите, а дури потоа да се размислува за ваква влада. (повеќе)

16 јануари, 2006

E-Влада и E-медиуми

Денешно Време го констатира она за што мрчам скоро две недели (линк 1, линк 2):
Пинг-понг си играат шалтерските службеници во Управата за јавни приходи и Централниот регистар со граѓаните што почнале постапка за регистрација на деловен субјект пред 1 јануари 2006, кога почна да работи едношалтерскиот систем. Граѓаните се жалат дека во изминативе денови по неколкупати биле испраќани од шалтерите на едната на шалтерите на другата институција бидејќи службениците не знаеле која од овие две институции е одговорна да им издава даночни броеви на деловните субјекти што почнале постапка за регистрација пред да профункционира едношалтерскиот систем... (повеќе во Е-медиум)
Еден апдејт од мене: проблемот е решен кон средината на минатата недела, откако директорот на УЈП ги информирал и вработените што се договорил со Централниот регистар. Уште еден елемент од Е-Влада - традицонално на средината на месецот се поднесуваат даночните пријави. Страва призор: огромна редица, нанервирани луѓе со папири во рака чекаат да стигнат до шалтерчето и да се наведнат до дупката за да ги чуе тетката.
Од април идната година фирмите и граѓаните ќе можат да ги добиваат даночните пријави од УЈП по електронски пат. До крајот на 2006 година даночните обврзници ќе можат дури и компјутерски да ги плаќаат даноците. (Утрински Весник, 12.8.2005)
Во меѓувреме на интернет може да се најде упатство на македонски:
e-tax е начин за електронско поднесување кој е достапен бесплатно, 24 часа во денот, седум дена во неделата на интернет страната на Tax Office www.ato.gov.au. (ова не е превод, а АТО е австралиската УЈП)

13 јануари, 2006

Оптичка Македонија

После веста за новиот backbone на Неотел, еве уште едно кабелче:
"Македонски железници" поставиле оптички кабел по должината на пругата Табановце-Скопје, преку кој може да се даваат услуги во фиксната и во мобилната телефонија и интернет-приклучок. На столбовите покрај пругата, долга 50 километри, е поставен фибер оптички кабел, а наскоро тој треба да се спроведе и по пругата од Скопје до Велес, во должина од 53 километри. Кабелот ќе биде функционален откако скопската фирма "Неоком" ќе ја монтира опремата вредна околу 500.000 евра.

Стојан Наумов, директор на "Македонски железници", вчера потврди дека е потпишан договор со "Неоком". Оваа фирма најдоцна до јуни годинава треба да ја монтира опремата, која по 15 години ќе остане сопственост на МЖ...

Годинава "Македонски железници" треба да постават оптички кабел и долж пругата од Скопје до Тетово, во должина од околу 60 километри. Според наши информации, Министерството за транспорт ја задолжило железницата да го стори тоа за потребите на Штуловиот универзитет... (повеќе во Дневник)
ДОПОЛНУВАЊЕ:
Договорот помеѓу "Македонски железници" и скопската фирма "Неоком" за поставување опрема за функционирање на оптичкиот кабел по пругата Табановце-Скопје е незаконски бидејќи за тоа не е донесена владина одлука, оцени Министерството за транспорт... Неофицијално дознаваме дека поради овој гаф, министерот Мехази ќе го повика на одговорност првиот човек на железницата, Стојан Наумов. (повеќе во Дневник)
Општо е познато дека и по должината на нафтоводот е нелегалено поставен оптички кабел, ама „неофицијално дознаваме“ дека за ова не се прават проблеми.

11 јануари, 2006

Слепило

Админиот на блогот „На денешен ден“ објави информација за продажбата на МТ од пред пет години. Линк до постот остави и во свој коментар на р-Еволуција. Тоа не беше доволно па уште три пати го копираше подолгиот напис во коментар на блогов. Кога еден од админите му ги избриша повторените коментари, но не и првичниот линк, талентов револуционерно извика:
Оваа вест се обидов да ја објавам како коментар на блогот р-еволуција кој требало да се бори за правата на интернет корисниците. Тие брутално ја избришаа. Толку борба за демократија, грижа за корисниците. Всушност грижа за брз заборав и партиски војници! НЕ ИМ ВЕРУВАЈТЕ НА ПАРТИСКИТЕ ВОЈНИЦИ ОД Р-ЕВОЛУЦИЈА!!!
Браво, бе момак. Твојов светол пример покажува дека уште долго ќе си патиме... од паметот. Еве, специјално за овој и останатите што гледаат само две бои на светов: ВМРО го шитна МТ под идиотски услови и за смешни пари. Веројатно со причина која им се материјализирала на некои вистински партиски војници.

Она што не го сфаќам е како ваквото епохално „откритие“ ни помага да добиеме подобар и поевтин интернет?

Добронамерен совет до админот на „На денешен ден“: пред да се истрчаш со безвезни обвинувања научи се прво на бон-тон. Повеќекратни идентични постови „брутално“ ќе ти ги избришат на секој добар форум или блог. Уште поважно: фрли ги тегет-црвените цвикери. Може ќе прогледаш.

Телекомот ја блокира интернет-телефонијата

Фирмите што нудат телефонска услуга преку Интернет се жалат дека "Македонски телекомуникации" им ги исклучува пристапните броеви кон нивните системи со што ја оневозможуваат конкуренцијата во меѓународните разговори.

Во "Компјунет инженеринг" и во "Комтел ком", кои се регистрирани во Агенцијата за електронски комуникации за давање на ВоИП-услуги, велат дека иако пазарот за овие телефонски услуги законски е либерализиран, телекомот максимално го користи монополот за да ги блокира во работата...

Став на "Македонски телекомуникации" е дека овие фирми треба да склучат договор за меѓусебно поврзување на мрежите, зашто не може да користат претплатнички број за да им нудат услуги на трети лица...
Пази сега:
- Телекомот ја достави референтната понуда за поврзување до Агенцијата за електронски комуникации. Сите заинтересирани може да склучат договор. Бидејќи се уште не се одобрени цените за поврзување, ќе им понудиме на фирмите во договорите да има одредба за израмнување на плаќањата откако Агенцијата ќе ја утврди цената - вели Дејан Силјановски, извршен директор за регулатива во телекомот. (повеќе во Дневник)
Господинов е многу фин. Останатите фирми бескаматно ќе го кредитираат МТ и ќе молат Бога да им се врати кредитот.

Дејанчо е човек што на многу интересен начин го толкува Законот за електронските комуникации. Според него, корисниците на АДСЛ со инсистирањето да се применува став 3, член 96 од Законот (раскин без пенали при променет договор) создаваат правна несигурност. Да, да. Ако почне да се применува Законот, Телекомци ќе бидат несигурни дека ќе ги бричат корисниците, несигурни дека ќе си играат со конкуренцијата, несигурни во одлуките на Агенцијата... Ете ти тотален хаос.

Јавни набавки преку интернет

Државната администрација наскоро тендерите за јавните набавки ќе ги објавува преку интернет. Сите фази на јавната набавка, од доставување на понудите или барањето за учество на тендер, доставата на документацијата и размената на информациите, ќе се вршат во електронска форма. Само во исклучителни ситуации понудите ќе може да се достават во писмена форма. Овие новини се предвидени во измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки...
(преземено од Вест)

Супер. Само фино ќе беше прво да поработат на поголема достапност на интернет пристапот за поединците и фирмите.

10 јануари, 2006

Натали, дај му на човекот

Ај да ги пофалам умните главички телекомски - конечно почнаа да си прават свои реклами. Пошто се така исполнителни, ај уште еден предлог: укинете го лимитот или барем брзината намалувајте ја на 256 kb/s. Ова со 64/64 нема да ви трае уште долго.

Официјално АДСЛ-от на МТ се уште е ограничен на 4ГБ. Тоа што сега пуштаат малку водичка до 8 или 9 ГБ е од страв да не ги загубат претплатниците, сегашни и потенцијални, поради останатите понуди на пазарот.

Телеком веќе гo има утнато планот за лани кога требаше да навлече 10 000 АДСЛ корисници. За да привлечат нови муштерии мора да понудат барем приближно слични услови како и конкуренцијата. Но секоја официјална промена на договорите им носи можност на постојните корисници да раскинат без пенали. Од друга страна, ако понудат повисок лимит или пониски цени само за новите корисници ќе создадат дискриминација, која е незаконска.

Затоа телекомци, ај уклучете ги исклучените мозоци и дајте му на народот тоа што сака... Иако мислам дека и под совршени услови некои нема да сакаат да бидат во стадото на МТ Њет.

Брат за брат, интернет за сирење

Здружението на земјоделски производители „Виножито“ од Кичево од вчера за секоја купена канта сирење дава и месечна картичка за интернет од 200 до 400 денари, во зависност од купената стока.

- Ова е интересен обид да се обезбеди пласман на квалитетно сирење од падините на Бистра - велат во здружението, јави МИА.

Фармерите истакнуваат дека на ваков начин сакаат да освојат нови потрошувачи од помладата популација. Покрај сирење, тие нудат и мед и компир под истите услови...
(преземено од Дневник)

09 јануари, 2006

Неограничено од МТ?

Mesecov (Januari) iam napraveno nesto preku 7 GB soobrakjaj, megjutoa brzinata si ostana t.e ne me namalija ekspresno na 64 posle pominatite 4 GB (kako sto bese toa prethodnite dva meseca). Dali i kaj nekoi drugi se ima deseno ova?
На дел од оние што не ги ограничија во ноември им стигнаа сметки со доплата за екстра сообраќајот. Чисто информативно.

Пошто нема ништо официјално од Телеком за ова, очекувајте нова зафрканција. Ги знаеме што сорта се.

Е-Влада strikes again

Пак за едношалтерскиот систем...Ако мислиш дека придавката едношалтерски значи дека брзо ќе завршиш работа на еден шалтер - гадно си се зезнал. Работата оди вака: одиш на првиот шалтер кај те дочекуваат две теткици пред пензија кои на секое прашање одговараат со кревање на раменици и гледање во таван. Откога ќе се насобере поголемо купче луѓе ги препраќаат сите на друг шалтер, каде има 50% шанса да добиеш одговор. Ако си во останатите 50% знај дека те чека квалитетно и долготрајно бирократско малтретирање.

Деновиве УЈП и Централниот регистар си играат пинг понг со оние на кои им треба нова или променета даночна карта. Во Регистарот ќе ви кажат дека на највисоко ниво било договорено таа работа да ја врши УЈП, а во УЈП као појма немаат за ова. Денес се запознав со сите теткици и началници во УЈП, едино не се видов со Петра Митрева. Во Централниот регистар ме утешија:
„Да знаете дека денес сте 32-ри со ваков проблем.“
Не барајте претприемачки дух и граѓански иницијативи во МК. Ги уби бирократијата.

Нова оптика во Македонија

ZTE Corporation, the fastest growing global provider of telecommunications equipment and network solutions, is to deploy its first optical transmission network in Macedonia in a contract announced today with Neocom, the country’s second largest data communication operator.

The network, due for completion in December 2006, will include seven network nodes covering five major cities of the country - Ohrid, Gostivar, Skopje, Stip and Negotino, and connecting Macedonia with surrounding countries Serbia & Motenegro, Kosovo, Albania, Bulgaria and Greece.

(повеќе)

08 јануари, 2006

Лаги, проклети лаги и статистика

Популарен придонес за академската дебата: 70% од македонците никогаш не користеле интернет (А1)

Бројките кои ги наведуваат се главно од истражувањето на Метаморфозис. Благодарение на Филип го добив и фамозното истражување од Статистика, според кое некои странски сајтови имаат наведено 19,2% корисници на интернет во Македонија. Бројката во која не верував, навистина не била за верување - во неа се вклучени и луѓе што пристапиле на интернет и пред една година. Што се овие? Occasiоnal lurkers?

Еуростат е јасен: редовни корисници на интернет се сите меѓу 16 и 74 години, кои користеле интернет, во просек барем еднаш неделно, во последните 3 месеци пред истражувањето. Ако се земе оваа дефиниција, наместо 19,2% ќе се добијат 10,6% корисници. Друга работа е што Статистика долната старосна граница ја симнала на 15 години, па наведената бројка треба уште повеќе да се намали за и статистиката да ни потврди дека реалноста ни е тапа.

Уште еден индикатор што го користи Еуростат се однесува на оние што имаат интернет пристап од дома. Според Статистика, во 2004 таква среќа имале околу пет и пол проценти Македонци.

Интересна работа од истражувањето е една табела за причините за немање пристап на интернет: околу 55% навеле висока цена на опремата, а скоро половина висока цена на пристапот. Ај сега Коте од Телеком да понуди интернет пристап и опрема по ниски цени, пошто развојот на интернетот во МК им била „стратешка определба“.

05 јануари, 2006

Е-Влада

Од вчерашните вести на А1:
По бројните празни изборни ветувања на скоро сите владеачки гарнитури, денеска профункционираа првите три канцеларии во Скопје, Битола и во Штип, каде бизнисмените за прв пат наместо во судовите, доставија барање за регистрација на фирма во Централниот регистар. (повеќе)
Последново не е сосема точно. Вчера на вратата на Централниот регистар имаше обезбедување кое ги враќаше луѓето кои имаа работа.
Внатре има свеченост за едношалтерскиот систем. Дојдете за саат-два.
Привилегија да влезат и први да го испробаат системот имаа само „избрани гости“ од типот на Гркот што го купил Сувенир од Самоков. Јасна симболика, со уште појасна порака: со самиот старт на едношалтерскиот систем се олеснети странските инвестиции. Граѓаните кои беа вратени од влезот баш ги болеше за странските инвестиции, избраните гости и говорот на Премиерот. За нив едношалтерскиот систем значеше еден изгубен ден.

И јас бев меѓу вратените. Требаше да извадам даночен број за Интернет Македонија. Ме изненадија во УЈП кога на шалтерот за нови даночни броеви ми рекоа дека тоа сега се прави во Централниот регистар. Посебно што во Законот (PDF, 235 KB) стои дека регистрите на други правни лица Централниот регистар ќе ги преземе до 30.9.2006, а започнатите регистрации ќе се завршат по старите прописи.
Да, ама сега ние по електронски пат ќе ги препраќаме сите даночни броеви на Централниот регистар, а тие ќе ги издаваат.
Супер. Како и да е, денес пак отидов во Централниот регистар и... пак не свршив работа. Од „едниот шалтер“ ме препратија на друг на кој ми рекоа дека не фатил расчекор - т.е. дека регистрацијата ни била почната по стариот систем, а завршетокот требало да се направи по новиот. WTF?
Допрва ќе држиме состаноци дали субјектите што се регистрирани во судовите пред Нова Година ќе треба да платат уште еднаш за регистрацијата - сега и во Централниот регистар - или можеби ќе се реши дека нема да треба платат или ќе треба да платат некоја пониска сума.
Ете, а јас имав илузии дека едношалтерскиот систем треба да донесе поголема брзина и помали трошоци. Разбирам дека при секоја реформа може да има непредвидени ситуации и компликации, ама оваа не беше спремана за два дена, туку беше планирана и спроведувана со години. Како во сето тоа планирање било превидено дека ќе има субјекти „фатени во расчекор“ стварно не ми е јасно.

Покрај вакви случаи, луѓе се жалеа и на други проблеми: неутврдени приходни шифри за уплата на тарифите на Регистарот, нејасни формулари за шифри на дејноста, итн. Во Централниот регистар се навистина љубезни, ама тоа не им помага на оние што имаат проблеми со регистрацијата, а единствен одговор што го добиваат е:
За тоа накнадно ќе треба да решиме.
Ќе чекам во понеделник да ми кажат од Централниот регистар што решиле, а во меѓувреме кратенката Е-Влада ќе ја читам како - ебате Влада.

04 јануари, 2006

Црнила

Првин, извинување што ме нема(ше) толку долго време. Имав проблеми со домашната мрежа, па (се уште нерешени) проблеми со матичната плоча на мојот компјутер, па повторно проблеми со мрежата.

Зошто таков наслов? Таква е мојата прогноза за Македонија воопшто, а потоа и за целиов интернет-шминтернет муабет.

Ајде да направиме една мала хронологија на настани...
  • 30.09.2005 - Говедата од АД „Македонски телекомуникации“ го објавуваат огласот во Дневник. Ми се јавува еден пријател и ми ја соопштува „добрата вест“.
  • 01.10.2005 - Цел ден се нервирам, пцујам и плукам. Приквечер се смирив, па со Бобо и Ѓорѓи решивме да го направиме блогот. Целта на блогот беше искажување револт, не централизирање и НИКАКО раководење со „движењето на отпорот“.
  • Најголем проблем беше клаузулата во договорот (поточно анексот) во која се спомнува плаќањето „пенали“. Никој не се сомневаше околу откажувањето, ама „пеналите“ болеа. Информациите што ги делеше тогаш Непријателот беа, во најмала рака, хаотични и речиси сосема различни за секој корисник.
  • За кратко време се рашири муабетот за блогот и IRC каналот #anti-mtnet (идеја на пријателчиња од IRC). Луѓе имаше најразлични, највеќе револтирани, имаше провокатори, мрчатори, а најмалку луѓе со идеи како да се реши проблемот. Рицка, Филип и Ѓорѓи Ј. организираа протест пред салонот на МТ во центар за кој пишуваше на блогот, багра и рекламиран кај Трендо на сајтот на он.нет.
  • 04.10.2005 - Се појавија околу 15-20 луѓе пред салонот (најчестите изговори беа: Доцна дознав и Имав други обврски (работа, школо, факултет, итн.)). Влеговме внатре и Алек (bezvrska) се расправаше со теткицата. Ни кажа дека нема плаќање пенали. Утредента повторно никој не беше сигурен дали ќе се плаќаат пенали или не. Бевме и до ОПМ (Организација на Потрошувачи на Македонија) каде Алек им објасни за што станува збор.
  • 05.10.2005 - Доцна вечерта Бидиков добива „непристоен предлог“ на IRC (кој, од нему познати причини, беше сватен сериозно) за него и сопственикот на блогов: 24 месеци бесплатен ADSL за да се укине блогот. Требаше следниот ден да му се јави човекот на Бидиков за да го договори состанокот (кој беше во план да се сними и да се објави тука), но поради нападот (денот кога речиси цел ден немаше интернет МТ), не се одржа никаков состанок.
  • Почна и подготовката на приговорите. Готови беа на 10.11.2005, кога и се собравме пак пред салонот на МТ. Присуството повторно беше тапа. Во тој период се формираше и т.н. „ЦеКа“, затоа што се виде дека е потребна малку поголема организираност. Имаше неколку средби на кои се нафрлија неколку идеи од кои некои се реализираа, повеќето не.
  • Се организираа неколку масовни мејлирања до телекомот и нивните газди, а потоа и македонски и странски институции. Колку беше тоа масовно знаеме - колку што може што и да е во Македонија масовно. Ако добро се сеќавам, немаше повеќе од 30-40 мејлови пратени од уникатни адреси. На страна што писмата што требаше да се испратат беа однапред подготвени.
  • Кога бидна поменот на плоштад, повторно никој не се појави. Добро, признавам, можеби вината за тоа беше наша/моја затоа што не беше недела дена однапред најавувано. Сепак.
Работата тргна по институциите на државава (која држава?). Се виде што можат тие да направат кога нешто не е во нивна корист (т.е. кога немаат корист од нешто). Метаморфозис не поканија на соработка откако ги поплукав троа во некој од коментарите. АЕК ја поканила НВО на соработка откако ги поплукале на обуката. ОПМ и Пазарниот инспекторат си цупкаат во место. Министерството за економија си ги врти палците и чека да им падне во скут нешто. Правобранителот, хелсиншки комитет, државниот обвинител, сите тие си ги чешаат хемороидите стекнати од годините чучење во фотељи.

Најголемата грешка беше „Обуката за новинари“. Колку од обучените направија прилог или напишаа текст за проблематиката? Немојте да ми кажете дека некој од вас смета дека постои такво нешто како независно или истражувачко новинарство во светов (посебно кај нас). Од она што разбрав, единствено фајде од тоа е препирката со АЕК и поканата за соработка (а и тоа не е којзнае колкаво фајде, имајќи предвид на кој начин функционираат институциите во Македонија - декларативно). Како беше? Имале само 5 инспектори? А што, само со инспектори може да гледаат што се случува во нивниот домен? Што направиле тие петорица до сега? Или се уште се навикнуваат на новата клима?

Чукнете со главата. Ма удрете ја убаво од ѕид, нека здоболи. Никој нема никогаш да направи нешто за вас. Па дури и господ (ако верувате во него) им помага (само) на оние што сакаат да си помогнат. Волкот зошто е дебел во вратот? [Алузија на некоја слична народна поговорка]?

Не можам да разберам. Од досегашното искуство, тука има 3 вида на луѓе: оние што сакаат да бидат водени, а не дозволуваат некој да ги води; оние што не сакаат да бидат водени, мрсат муда и немаат апсолутно никаков конструктивен придонес во што и да е; и оние што навистина сакаат да сменат нешто на подобро, но немаат идеја како (или имаат погрешни идеи).

Не ме сфаќајте погрешно. Ова треба да биде конструктивно плукање по вашите навики.

03 јануари, 2006

Пенетрација без лубрикација

Македонија е информатички лидер во светот, универзумот и пошироко. 100 мегабитните врски се досадно секојдневие, а цените за интернет пристап се безобразно ниски.

Констатацииве не се последица на празничното пијанчење, туку ми се наметнаа од интервју на телекомец за Вечер.

Коте Ланговски, извршен директор за маркетинг во МТ, ни тврди дека животот е прекрасен, а протестите поради чудното чувство во г'зот наскоро ќе ги замениме со екстатично стенкање.
"Услугите што денес им ги нудиме на нашите корисници, се идентични со оние што се користат во високоразвиените земји"
Пази, не слични, не приближни, туку идентични! Јован ова го поткрепи и со конкретни бројки.
„МТ уште на крајот на 2003 го воведе [АДСЛ-от]... со цел да им понуди на корисниците во Македонија најмодерен пристап до интернет со највисок квалитет.“
Ги слушам извиците на странците кои, вџашени од неверојатните 384/128 kbps за фантастични 40-60 евра, монтипајтоновски извикуваат „You lucky bastards!“
"Според Еуростат, пенетрацијата на интернетот во РМ е речиси 20%, а пенетрацијата на АДСЛ – широкопојасен интернет во однос постојната корисничка база е иста како во Хрватска."
Ете, неколку дена не пратев вести и не приметив дека Еуростат почнал да води статистики и за Македонија. Хрватски телеком пред некое време славеше 100 000 корисници на АДСЛ (околу 2%), а телекомецов со розе цвикери самиот изброја скромни 9 000 АДСЛ корисници во МК (0,45%). Ама нели, типов е од маркетинг, па мора да биде пристрасен кон својот производ.
„Не е точно дека нашите цени се највисоки. Има примери, и тоа во непосредно соседство, каде цените на интернет услугите се многу повисоки како што е случајот со Грција, Романија, Словенија и др.“
Е со ова имаме проблеми, пошто на сајтот на ЕК има истражување што покажува дека имаме убедливо најскап dial-up во Југоисточна Европа. Red guy на својот блог има обемна споредба на цените во регионот, според кој имаме најмногу волна по глава на жител.

Малку прочепкав и јас и морам да признаам дека сме пред Словенија, ама само со цените. Кај нив ги има следниве понуди за АДСЛ: 512/128 kbps од 1250 денари, 1024/256 kbps од 1550 денари, 2048/384 kbps од 2200 денари и 4096/512 kbps од 2500 денари. (линк 1, линк 2, линк 3, линк 4, линк 5)

Талентов, опериран од реалноста, утврдил дека за непречено пентрирање не биле проблем цените, туку немањето компјутери:
„Нашите напори веќе неколку години во континуитет се насочени кон креирање на понуди кои вклучуваат интернет конекција во пакет со ПЦ и тоа по најповолни услови за корисниците кои се покажаа како многу успешни.“
Дали мисли на онаа идиотска понуда за компјутер на 24 рати преку телефонски сметки??? Ако беше толку добра и успешна - зошто веќе не се „напнуваат“ да ја нудат?

Во Словенија приметив дека АДСЛ нудат 8 фирми. Кај нас нуди само една, ама Коте тука не гледа злоупотребата на пазарната позиција:
„Правилата на игра се строго дефинирани и во согласност со регулативата на земјите членки на ЕУ, со строга контрола да не се дозволи повластена положба на ниту еден субјект.“
Ајде бе. Како тогаш МТ се фалат со 75% од пазарот на интернет пристап, и немаат објавено референтни цени за користење на мрежата?
„При креирањето на секоја понуда, сериозно се анализира... и економската моќ на корисниците, што е еден од главните детерминирачки фактори за цената на секоја понуда.“
Мала компарација: Хрватска има 80% повисок стандард од Македонија, ама затоа Македонија има 80% поскап АДСЛ од Хрватска. Ипак сме лидери во нешто!
„МТ креираше и обезбеди АДСЛ конекција, персонални компјутери и можност за изработка на веб-страницата за сите 85 општини.“
Браво МТ! Додуше, некои злобници мислат дека тоа е ситен трошок за да се купат општините.

Црешата за крај:
„Ќе се сложите дека МТ со своите реализирани активности ја докажува својата стратешка определба за развој на интернетот и информатичкото општество во Македонија.“