29 јуни, 2006

ЕУ супер-бабичка: Ќе ги сечам телекомите

Дојче Телеком си најде (не)згоден противник во Вивиен Рединг, комесар за информационо општество на Европската комисија. Женава прво предложи цените за роаминг да бидат еднакви со оние за национални повици. Криците за линч што следеа од мобилните оператори не ја уплашија многу, па побара од германските власти да го срушат монополот на Дојче Телеком во фиксната телефонија и се закани со санкции ако не спречат исклучување на конкурентите од неговата нова VDSL мрежа. За да си обезбеди плакета „непријател број 1 на златните кокошки“, вчера...завчера предложи да се распарчат телекомите како лек за утуцаните монополисти.

Последново е под импресија од САД каде AT&T ("Ma Bell") во 1984 беше распарчен на седум дела во антитрустовски процес. Нагалено наречени Baby bells, овие делови успеаа да се обединат последниве две години. Во меѓувреме кабелските компании ги потиснаа телекомите и станаа доминантни со околу 55% од американскиот пазар на бродбенд.
Consumers therefore have a true choice in the US. In Europe, DSL is still the technology used by more than 80% of subscribers, which shows that we still have some way to go until the process of market opening is completed.
Колку и да звучи фино, вакви радикални мерки сигурно нема да поминат. Во најдобар случај може да се очекува модел сличен на британскиот. Таму, под иста закана за распарчување, British Telecom ја одвои големо од малопродажбата и отвори посебен субјект кој е обврзан на сите оператори да им нуди пристап до телеком мрежата по еднакви цени.

Интересно е што дури и самото спомнување на можноста за принудно расцепкување предизвикува алергиска реакција кај нив по што одма стануваат кооперативни. Телекомот на Нов Зеланд побрза доброволно да го воведе британскиот модел само еден месец откога владата - притисната од жестоки критики дека земјата дебело заостанува во поглед на бродбенд линиите - најави можност за принудна поделба.

Да ја викнеме женава на гости?

23 јуни, 2006

Лидери во регионот - најскапи и нелиберализирани

Кулен интернeшн'л истрча со вториот извештај за телекомуникациите во Југоисточна Европа (PDF; 2,9 MB). Нарачан е од Европската комисија, која беше фина да го објави минатиот петок за да може и ние да го прошпиунираме.

Меѓу 10 земји од регионот, само за Македонија и Романија нема бројка за продорот на интернет (пенетрирано од сер Ханибал Лектор). Во фуснота стои дека Агенцијата за електронски комуникации допрва ќе собира податоци од провајдерите. Не може да си ги мериме ни по основ на бродбенд претплатници затоа што во извештајот не се опфатени корисниците на кабелски интернет во Бугарија и Србија.

Документот е сепак корисен за споредба на цените и „напредокот“ во либерализација на пазарот. Македонија и во 2005-та имала убедливо најскап dial-up во „нормална“ тарифа - за четвртина поскап од хрватскиот и повеќе од три пати поскап од српскиот.
Во „евтина“ тарифа (ненормална ?!) dial-up-от во периодот од 6 попладне до полноќ ни е втор по скапотија во регионот, а од полноќ до 6 сабајле сме претпоследни (ова е добро - посебно за оние што тешко ги фаќа сон).

Штета што не направиле споредба на цени за бродбенд - убедливо сме први. Разврзувањето на локалната јамка, со коe други оператори ќе можат да ги користат жиците на телекомите за да нудат услуги, е започнато само во Романија, Босна и Хрватска. Во Македонија не може да се склучат ни договори за интерконекција, па целата либерализација останува на хартија.

Кај изнајмените линии - опишани како „the building blocks for alternative networks that compete, directly or indirectly, with the networks of incumbent operators“ - сликата е иста:
The former Yugoslav Republic of Macedonia has particularly high rates both for short and long lines.
Ако кај 64 Kb/s линии сме на второ место после Албанија, за 2 и 34 мегабитните линии сме лидери. Цената од 12 717 евра без ДДВ за 2 km изнајмена линија од 2 Mb/s е околу 75% над просекот во ЕУ.За 34 Mb/s џепчето на Атила и компанија се полни со 173 илјади евра, или повеќе од трипати поскапо во однос на просекот во ЕУ. Ситуацијата е полоша кај 200 километарските изнајмени линии и исто лоша кај меѓународните изнајмени линии.
За да не испаднат само Хуните клети, мал извадок од Законот за електронските комуникации (PDF; 665 KB):
Агенцијата може да му наметне на оператор со значителна пазарна моќ на релевантен пазар обврска висината на цените на услугите да бидат базирани на реалните трошоците...
Агенцијата ќе ги воведе обврските од став 1 на овој член доколку смета дека врз основа на анализата на пазарот постои недостаток од ефикасна конкуренција, во услови кога операторот претходно вовел многу високи цени или се впуштил во експлоатирачко воведување на цени на штета на крајните корисници.

19 јуни, 2006

Предизборна анкета...

... на Интернет Македонија до политичките партии. („интегрално“)

14 јуни, 2006

37% инцест

Работите се менуваат, за да останат исти. Владата шитна една петтина од своите 47% телекомски акции и остана во кревет со Magyar Telekom.

Два „момента“ се интересни.

Пакетот од 9,9%, кој се продаде, го откупи Телеком, а не Magyar Telekom. Значи Телеком, со одлука на Собранието на акционери, во кое учествува и Владата, купи сопствени акции. 60-те милиони евра кои беа употребени за ова соодветно ќе го намалат износот на добивката и евентуалната дивиденда која би се делела на акционерите на МакТел. Кај и да е, очекувам да се објави дека Владата нема да добие дивиденда за оваа или минатата година, затоа што се употребила за купување акции. Државата сега ќе добие отприлика иста сума пари како да била исплатена дивиденда, единствена разлика ќе биде што ќе и' се намали учеството во сопственоста. Антикорупциската ќе се потресе, а обвинителот ќе испита.

Друго, со преостанатите акции власта ќе продолжи да ја спроведува Националната стратегија за е-дерење. Новата Влада по изборите ќе бара милион и едно алиби за да ги задржи останатите 37%. Уште сега фрчат „аргументи“ од сите страни:
Борче Давитковски, ружа: „Нешто што ви носи фиксна дивиденда 30, 40, 50 милиони годишно ...кое што може и во наредните 50 години да ви носи пари...[не може] да го продадете за 250 милиони.“

Зоран Трајчевски, арслан: „Ние не сме против продажбата на акциите но во услови и време кои ќе понудат највисока цена на акциите и согласно законот, на берза да се продаваат“.

Спире Мавровски, арслан популус: „Апсолутно е некоректно, ова е најуспешна фирма, државата има добивка од „Телеком“.“
На сите им течат лиги за делба на ланската дивиденда и за пополнување на фотељите резервирани за владините претставници во МТ. Неуспешната продажба потврди дека инвеститорите не сакаат да станат малцински акционери во Телеком и немо да гледаат како некој друг одлучува дали и колкава дивиденда ќе добиваат. Владата добиваше дивиденда, но по пат на преговори и уценувања и само затоа што беше главниот јатак на ајдукот. Бидејќи продажбата е невозможна, кој и да победи на изборите мора да се притисне акциите бесплатно да ги подели на граѓаните. Сè додека има државна сопственост во Телеком, ќе имаме либерализација на хартија и „информатичко“ општество по полиците.

03 јуни, 2006

ОнНет пред МТ и ВМРО-ИСП

Конечно. ОнНет го смени WADSL пакетот: 10 GB сообраќај со брзина до 512/128 Kbps, после тоа намалување на околу 32 Kbps. ЗА 1300 денари (со ДДВ) и најважно - БЕЗ ДЕПОЗИТ. Ми се допаѓа концептот "нешто поспоро, ама повеќе и поевтино“. Илјадници нови канопија чекаат на идните корисници.

Е да, во базенот има вода до глуждови, но и тоа е грејт степ во споредба со претходната понуда на WADSL. Во трката на полжави меѓу националните провајдери го имаме ВМРО-ИСП на второ место со бесплатен дајал-ап денес и утре. Трето место за crazy „макс“ АДСЛ и скандалозните (© А1) 4 GB за фантастични (© А1) 2100 денари, а тука е и гордоста на менаџментот на МТ - bad старт АДСЛ и пола гига за 1200 денари.