14 јули, 2006

MaxADSL Hit... or Мiss?

Нова понуда од МТ... До 384/128 Kbps, 512 MB месечен сообраќај и цена од 825 денари со ДДВ за договор на две години (што за жал стана стандард).

Еден од предлозите изнесени од Интернет Македонија на средбата во МТ е попристапен старт АДСЛ и нов пакет за почетници. Последниов, крстен како „пакет за ученици и студенти“, треба да има три елементи: ниска и фиксна цена (до 10 евра со ДДВ), 24 часовна поврзаност и брзина на пристап која може да биде и мала. Логиката е дека има многу луѓе кои не би издвоиле повеќе од 10 евра за постојан интернет пристап кој го користат претежно за сурфање и проверка на мејл. На средбата се предложени брзини од 128 или дури и 64 Kbps, но со битен елемент: неограничен сообраќај. Нешто слично има Кадис со 590 денари за неограничен сообраќај од 128/128 Kbps, иако квалитетот е многу, многу варијабилен.

Во споредба со предложеното, MaksADSL Hit е нешто поскап, побрз и со лимит од легендарните пола гига. Додадените три евра во цената ги сфаќам како заштита на сурфер пакетот кој чини 700 денари со ДДВ. За жал, МТ се уште прават милиони евра продавајќи dial-up.

Она што ми се допаѓа е што доплатата после 512 MB се врши по мегабајт, а не во блокови од пола гига како кај старт АДСЛ. Цената е околу 0.9 денари (со ДДВ) за MB. Лошо: се бројат мегабајтите. Добро: се бројат на ситно. За споредба цената кај Телекабел за 1MB e 1 денар. Разбира се, кај нив за пола гига сообраќај би се платило 612 денари.

За оние што го читаат и текстот со малите букви (главно корисници на АДСЛ), уште една промена:
Претплатникот треба да ја купи потребната ADSL опрема (модем и сплитер) и да си ја инсталира. Опремата се продава во продажните салони на АД Македонски Телекомуникации по цена од 1.799 денари или на 12 рати по 160 денари.
Нема попуст за договор за една или две години. Од друга страна ова значи дека опремата конечно ќе биде во сопственост на корисникот, а не на МТ.

Демант од happy WADSL user

Имаше многу контрадикторни информации за стабилноста и затворањето на портови кај WADSL. Еве детален демат од happy user... се надевам дека не е abuser:
Наместив ОНЕТ и го имам еден ден состојбата е ваква:
  1. Има П2П пробав торрент и оди со 52-58 kb/s down и 11-14kb/s up.
  2. UnrealTournament2004 demo 290mb се симна со просечна брзина од 60,5 kb/s.
  3. Pingot во Unreal Tournament беше од 75 - 100. Најдов повеќе UT2004demo сервери со пинг под 100 на Онет отколку на МТнет отприлика 3:1 однос.
  4. Нема каснење при отварање на страни како кај МТнет. На МТнет имам околу 1 sec при request на страна или пак нема да ја добијам, па мора refresh. Тоа го нема на Онет.
  5. Има динамичка ИП адреса
  6. При тежок download на пример торрент сеуште интернетот добро работи. Кај МТнет се влечи ако имам торрент што симнува со 55 kb/s и праќа со 11 ks/s.
Ете тоа е. Се надевам му разјаснив некому. А, и ќе заборавев инсталацијата траеше околу 1 час.
Фала. Keep us informed.

03 јули, 2006

Лудило

Во пресрет на парламентарните избори 2006 година, здружението Интернет Македонија испрати прашалник до 13 политички партии со цел да го образложат начинот на кој ќе го искористат огромниот потенцијал на модерните информациони технологии за да го подобрат животот на луѓето и да го спречат натамошното заостанување на Македонија на ова поле. Партиските определби на полето на интернетот и електронските комуникации ги прецизираа само ЛДП и НСДП. Одговор не испратија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА, ВМРО-Народна партија, ДОМ, Земјоделска народна партија, ЛП, СПМ, ДА, Лига за демократија...
(повеќе)

Во целосните одговори има интересни „моменти“.

Независно од тоа, неколку коментари за сите партии...Интересно е што ВМРО-ДПМНЕ се нема експлицитно изјаснето дека е за повлекување на државата од сопственоста во Телеком. Тука нешто смрди... Уште поинтересно е што партиите што оправдуваат вакво повлекување сметаат дека единствен начин тоа да се направи е продажба на берза.

Хелоооу! Ги продаваа? Се продадоа? Не? Што е поентата сега пак да се продаваат? Ова баш се вклопува во дефиницијата за лудило на Ајнштајн: постојано да ја повторуваш истата работа и секојпат да очекуваш различен резултат.

Најбрз и наједноставен начин да се заврши работата е ако акциите се поделат бесплатно на сите граѓани. Сè останато е само купување време и продавање муда за бубрези.

Второ, сите пропагираат нова и нова бирократија во услови кога постојната не функционира. Така, СДСМ се залага за Агенција за ИНФОРМАТИЧКО општество, ВМРО-ДПМНЕ за Министерство за интернет и ИНФОРМАТИЧКА технологија, а НСДП за Министерство за информациско-комуникациски технологии. Грејт. Има смисла. Бирократијата не функционира. Чаре? Ќе испратиме некои фаци зад решетки? Не. Ќе ја укинеме? Не. Ќе воведеме мониторинг на резултатите? Никако. Ќе ја дуплираме. И ќе извикаме: That's what this country needs!

Трето, никој нема јасен концепт како ќе го измени концесискиот договор на Телеком кој има важност до 2018 година. До тогаш ќе се журкаме со флоскули за либерализиран пазар, конкуренција, интернет за сите и сл. лигавења.

Четврто, буџетот и државата постојат за граѓаните, а не обратно. Ако може државата да купува јабуки за да бидат здрави децата, може да купува интернет и компјутери за поттикнување на нешто што го определила како приоритет. Кога државата ќе створи услови цените да бидат на ниво со европските, најголем дел од населението да може да си ги дозволи, а пазарот да биде пазар наместо Скопски пазар, тогаш политичарите ќе имаат право да продаваат неолиберална економија како догма и да се колнат во моќта на пазарната конкуренција.