22 септември, 2006

Сите наши деца

Додека се замараме со битни теми од типот дали АЕК е независна или нејзиниот шеф, Коста Трпковски, е роднина на Црвенковски, некако незабележано помина веста за смената во уште еден блуден орган обвинет за непотизам и други видови коруптивни дејанија.

Станува збор за Комисијата за заштита на конкуренцијата, едно од оние независни тела кои постојат за да трошат туѓи пари дур создаваат привид дека нешто работат. Бившата Монополска управа на времето се прослави со решението со кое му забрани на Телеком да продава АДСЛ се додека не овозможи услугата да ја нудат по пазарни услови и другите провајдери. Забраната никогаш не се спроведе, а двајца вработени во Управата среќно се вдомија во семејството на Телеком.

„Шеф сале“ на „органот“ беше Панче Бардаров се додека не го смени новата Влада. И за него има анегдота дека имал син кој ептен го бивало па го вработил во Мобимак. Остана запамтен и по тоа што му пречеше Уставот и неефикасното судство за да се пресмета со „монополите“. За да му помогнат, лани во декември се смени Уставот и со амандманот 20 им се овозможи и на несудските државни органи да изрекуваат казни.

Место да почне одма да дели казни, на Панче тогаш му засмета Законот за прекршоци кој ги ограничувал казните на само 5 000 евра. Нели, срамота е да пише вака бедна казна за МТ. Така, во мај годинава го исправија и тоа - се донесе нов закон за прекршоци кој не поставува вакво ограничување. Панче веќе ништо не го спречување да казнува, па дојде и следниов наслов: Поради незаконската наплата на манипулативен трошок - Казна за Телеком до 17 милиони евра?!

Спротивно на насловот, во веста стоеше само дека Комисијата ќе „достави барање до надлежниот суд за поведување на прекршочна постапка против компанијата и одговорното лице“. Во превод: џабе се мења уставот и законот кога Панче е решен да не казнува и да се вади на неефикасното судство.

Сега на местото на Панче треба да седне Чедомир Краљевски - ептен стручен кадар, ем проверен во времето на Георгиевски и Далаверци. Дневник направи фројдовска грешка кога објави дека е стокмен за прв човек на Комисијата за СПРЕЧУВАЊЕ на конкуренцијата. Имам филинг дека ќе испаднат во право.

Продолжение: Дежа ву - Алиса во земјата на илузионизмот

16 септември, 2006

Зависен текст

Кога бевме само до појас заглибени во „реформи“, најмодерна работа беше да отвориш радио - по можност телевизија. На една од првите, ми текнува дека во одјавата на емисиите и филмовите гордо стоеше - независна телевизија. Многу брзо придавката мистериозно се изгуби, веројатно како доказ дека зависникот успешно ја минал првата фаза, т.н. фаза на порекнување.

Епизодава ми се вртеше последниве години кога зборов пак влезе во мода. Прво се залепи за судството, а после револуционерно се тргна со масовно прогласување независност. Старата максима се прилагоди: тие се преправаат дека се независни, а ние се преправаме дека им веруваме.

Претставата отиде дотаму што Јани излезе како првоборец за останувањето на Трпко-Независен во АЕК-Независна. После се јавија луѓе од Правниот факултет Јустинијан Први-Независен:
Експертите реагираат дека се прави упад и партизација во независните комисии. (Канал 5-Независен)
Експертите традиционално слабо поминаа, па напомош се викна и коњицата:
Брисел загрижен од обидите на новата влада за менување на законите со што ќе се направи упад во независните институции... Постои голема опасност примерот со Агенцијата за електронски комуникации да се примени и кај останатите државни независни тела, како Регулаторната комисија за енергетика и Комисијата за хартии од вредност. Доколку таквите тела се партизираат, тоа ќе биде голем чекор назад во демократијата и функционирањето на системот, толкуваат експертите. (Канал 5-Вистински Независен)
Не успеав да се сетам макар на еден пример кога овие „носители на системот и демократијата“ не делувале на далечинско управување. Вревата не е затоа што ќе падне Трпко, туку зошто со него ќе паднат и неколку подобни директори на привремена работа во Мобимак и Телеком. Кои, нормално, ќе бидат заменети со наши деца.

Порано, кога ќе поскапеше струјата или парното или кога ќе ни стигнеа грандиозни сметки за телефон и интернет ќе си ја испцуевме власта. И автоматски ќе ни беше полесно. Сега, човек не може ни вербално да се пресмета со некој политичар, без да се јави некој паметен за мудро да посочи на тоа и тоа независно тело. Сите групно пак, се тотално независни само од „јавниот интерес“.

13 септември, 2006

Пружи... веш?

Граѓанската акција "Пружи отпор-Кажи не!" најави... тужба против државава... пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур... затоа што нејзините институции не презедоа ништо во изминатите две години за да го спречат криминалното дивеење на Телекомот.

..."Пружи отпор-Кажи не!" ќе упати писмо до Владата, Собранието, Уставниот и Врховниот суд, Јавниот обвинител и Јавниот правобранител во кое... ќе бара укинување на монополот на Телекомот и целосна либерализација на фиксната и мобилната телефонија и одземање на концесиите на Матав.

Граѓанската акција со писмото бара прогласување на директорот на Телеком Атила Сендреи за непожелна личност во Македонија во наредните 50 години, поведување постапка за обештетување на граѓаните, смена на јавниот обвинител и на судиите во Врховниот и Уставниот суд.

Екс’лн’т! Малку е чудно да се упати писмо во кое ќе бараш смена на адресатот, ама освен тоа - само напред. Е, да. Уште неколку ситници. Историски, секогаш било погубно кога Македонецот ќе почнел да бара петоколонаши, ама автоматски ми доаѓаат неколку прашања.

Зошто сега? Дали има врска меѓу смената на власта и воскликот еурека, проследен со изненадното сознание дека може да се тужи државата за кршење на законите и оштетување на граѓаните? Има и друга страна. Ако се јавеја пред изборите одма ќе им залепеа етикета ВМРО и ќе ги испратеа со УАААА. Мишн импосиб’л?
Од "Пружи отпор-Кажи не!" бараат и објавување и раскинување на договорот за продажба на ЕСМ дистрибуција со ЕВН... и укинување на Регулаторната комисија за енергетика...
Може грешам, ама не се сеќавам дека многу се заложија против продажбата на ЕСМ на времето. Нели, тогаш се бунеа Глас на светлината, Сојузот на стопанските комори, по некој пензионер - и толку. Дали и оваа промена може - што знам, некако - да е поврзана со промената на власта? Мразам вакви опсервации, баш поради тоа што убиваат и атомизираат било каква граѓанска инцијатива... ама ете.

Трпко лета, Јани се нервира, Атила го боли

Овие два месеца дур се мењаше власта фалеа типчиња со кои изминативе години се журкавме до попиздување. Ги снема, се скрија во дупка. Таман се уплашив дека животот ќе ни стане досаден и празен без дневната доза гафови што великодушно ни ја обезбедуваа... Кога, ете го царот. Јани. Макрадули. Фраерот што го сокрши од развивање „информатичкото“ општество само за да го скрие зад него својот прогресивно растечки г’з.

Ќе го бранел Трпко. Тој па, е подеднакво забавна фаца. Хонорарно зема плата како директор на АЕК за да се жали дека му фали моќ за да го сардиса монополот. Трпи ли трпи човекот шетајќи по семинари и конференции. Бато Јани чул дека клетите ВМРО-овци ќе го мењаат неговото другарче и одма свикал прес.
Според него, власта изготвила законски измени на Законот за електронски комуникации, со вметнување одредба за можност за промена на Управниот одбор поради незадоволително работење. Управниот одбор пак го избира директорот, со што, како што вели Макрадули власта си отвора можност да постави свој кадар.
Хм, надежно, ќе добиеме уште еден кловн. „Забава до бесвест.“

10 септември, 2006

Телекабел, фризиран WADSL... и то

Правев муабет со едно другарче со масивни потреби за нет (АДСЛ-от со 4 гига не му стига ни за аплоуд) на кое договорот со МТ му истекува месецов. Се мислеше што после, а јас баш не знаев што да му речам. За МТ не сака да чуе после заебанцииве од последнава година и доплаќањето скоро три илјадарки за „селење“ на АДСЛ модем (последново е сложена техничка операција за која е неопходно ангажирање на најмалку два доктора од ЕТФ)

Факт е дека нема некој избор. Единствена пристојна понуда е Телекабел - 512 kb/s со ограничување на 256. За оние што живеат во место каде нема мрежа на ТК или неговите клонови, останува WADSL од ОнНет. Добра страна: подолго време се шушка дека од есенва ќе го зголемат сообраќајот на 20 гига. Лоша: 2 години се доооолг период за брак со МК провајдер.

03 септември, 2006

maxADSL = максимално ДО 512 kb/s

Имаше повеќе жалби за пад на брзината кај АДСЛ-от. Се случуваат вакви срања - со МТ доста често - ама или не се признават или се сведуваат под мистериозни „проблеми со мрежата“.

Настрана од последниве случки, неколку работи треба да се имаат на ум. Прво, брзините на АДСЛ-от не се загарантирани. Рекламираниот капацитет од 512 kb/s е поделен на повеќе души и во зависност од тоа колку од нив се онлајн во моментот варира брзината (иако на неа влијаат и други работи). Така, ако на капацитет од 512 kb/s се приклучат 16 корисници на АДСЛ и сите повлечат во исто време брзината за секој од нив теоретски би била 32 kb/s. Ваквото делење, т.е. агрегација, се прави затоа што најчесто само дел од корисниците се онлајн во исто време и со тоа им се овозможува да користат брзина која не би можеле да ја платат како загарантирана (изнајмените водови се бајаги солени во МК).

Второ, независно од агрегацијата, поради самата АДСЛ технологија и начинот на кој ја имаат применето МТ во најголем дел од времето може да се очекува брзината да биде ДО околу 85% (430) од теоретскиот максимум (512).

Поради овие две работи постои разлика меѓу теоретскиот максимум и брзината која се постигнува во пракса. Затоа повеќето АДСЛ провајдери (т.е. оние понормалните) се рекламираат со ДО, т.е. до 512, до 1 Mb/s, до 8 Mb/s итн. или користат фрази како „максимална брзина од 2 Mb/s“ и сл. Телеком и овде прави фушерај па рекламира брзина од 512 kb/s без да стави „до“ или да наведе дека тоа е само максимумот, па не ме чуди што многу луѓе очекуваат тоа да биде константна брзина. Прашањето е што со ова. Некако ми се чини дека ретко кој ќе отиде да се жали до МТ, уште помалку до АЕК, инспекција или суд. Едино останува надеж дека луѓето во иднина подобро ќе знаат со кого си имаат работа (мислам на МТ) и што може да очекуваат за своите пари.