30 ноември, 2006

Кога ти треба интернет...


Courtesy of Princ of Кајгана, среќен корисник на WADSL.

Т-mobile: Едноставно притвор

Рубинчо Заревски, втор извршен директор на Ти Мобајл, од вчера е во притвор. Наводно за пљачка на народот... Не преку Мобимак/Ти Мобајл, туку преку Фондот за здравство во времето кога таму беше директор.

После смената на владините ќутачи во бордот на директори на МТ и назначувањето нови (ќутачи?), и веста дека Телеком сепак ќе и даде на Владата (дивиденда де), ова отвора нови неограничени можности некој да си легне на брашното. Во само три чекори.

Имено, мобилниот брат на Телекомот важи за најбитниот златен рудник за луѓето на привремена работа во телекомуникациите. Останува да видиме дали некој друг политички определен граѓанин ќе биде кооптиран да ја заземе речиси испразнетата фотеља. Ако тоа се случи, ќе дочекаме ефективна либерализација... можеби веќе во 2010 година. Во меѓувреме ќе гледаме, нели, храбри битки со видливиот дел од сантите мраз колективно крстени корупција. Се надевам дека нема.

ДОПОЛНУВАЊЕ: Заревски го распрашале и пуштиле. Ме интересира дали после:
а) отишол на работа со такси;
б) отишол на работа со полициски Крајслер;
в) не отишол на работа и му закинале 10% од платата.

29 ноември, 2006

Ново од МТ - „Едноставно глупо“

Р-еволуционерна понуда од МТ:
Прашуваа колку сме заинтересирани за услуга да си ја следиме телефонската сметка на интернет за 80+ддв месечна претплата. И реков, не, фала :). (анонимен)
Лани пред да го ограничат АДСЛ-от ми се јавија од МТ со слична анкета. Тогаш бевме во фини односи па ги удостоив со одговор:
- Што е најважно за вас кај АДСЛ-от?
- Паааа... Брзината?
Од ваква анкета е извлечен брилијантниот заклучок дека за АДСЛ корисниците е битна само брзината, а фиксната цена и неограничениот сообраќај се непотребен додаток. The rest is history.

Кога пред неколку месеци Министерот за финансии конечно се смилости да го уреди издавањето на дигитални сертификати очекував дека МТ веднаш ќе влезат во бизнисот со платформа за електронски плаќања. Чисто колку да не ги рекламираат интернет пакетите со „разменувајте рецепти“. Наместо тоа, со каснење од еден месец не станаа прв издавач на дигитални сертификати. И еве сега, како логичен чекор во развојот на понудата, бараат 100 денари за да гледаш како ти расте сметката. Таргет група: домаќини, гурмани и мазохисти.
таман и ја се возбудив пошто муабетот типката го почна со нешто у стилот “како интернет корисник сакам да ви поставам едно прашање“ и таман викам сеа ќе праша за мислење за флет пакет цена ова она колку би доплатил дали сум заинтересиран и сл. и она ми почиња некој бош муабет за телефонска сметка.
Видете... јас би сакал да нагласам еден момент... тоа е едноставно... навистина... глупо.

16 ноември, 2006

??? Kb/s

„Тинке, катинке“ не ја бивало преку WADSL... Барем според една интересна „расправија“ на кајгана. Жалбите се дека пристапот кон он.нет е со задоволителна брзина, а кон странство од пред десетина дена брзината паѓа на 60-70% од 512 Kb/s. Како и кај АДСЛ-от, не се работи за загарантирана брзина, иако МТ ја рекламира како таква. Од он.нет дури биле и пофини од драгите им колеги од МТ, па на сајтот си напишале „брзина до 512“. Нема проблем?

Сепак има:
Зашто мислам дека и MT.net i On.net од пред 2 години го немаат зголемено конекциските линкови(или пак не го прикажуваат) а за тие 2 години бројот на корисници го зголемија неколку пати.
Ова значи дека расте агрегацијата, т.е. на една иста цевка приклучуваш нови и нови луѓе. Притисокот малку паѓа, ама шо те боле - профитот расте без дополнителен трошок. Со малку креативност може и да си направиш реклама. Ја дуплираш агрегацијата, а истовремено ја дуплираш и рекламираната брзината. Збирниот ефект е околу нулата, ама шо те боле - ти расте стадото.

Аф корс, ова сè е шпекулација. Шпекулација е, затоа што ниеден провајдер во Македонија не објавува со колкава агрегација работи. Што си купил, ќе дознаеш отпосле. АЕК има законска обврска да собира податоци од провајдерите за квалитетот на услугите, значи и за агрегацијата, и да ги објавува на сајтот. Ова, во теорија. Во пракса, мислам дека нема да има разлика ако АЕК утре се укине. Дали некој има информација за агрегацијата кај својот омилен провајдер?

Дополнување: Според tmr, во Аеродром и Лисиче има постојани прекини, кои оннет ги „лечи“ со елиминирање на p2p сообраќајот.

Е-општество 2.5

Имав само саат време за да ѕирнам дел од денешните дискусии. „Амбасадорот“ на УНДП ги направи излишни нашите пребројувања на интернет корисниците кога поентираше дека клучна е потребата од достапни и евтини бродбенд врски. Ми текна како му се смееа на еден друг блогер кога кажа дека за интернет пристап признава само бродбенд врска.

Претходно, Марјан Ристески, главен инспектор за компјутерски криминал, објаснуваше дека провајдерите се обврзани да чуваат логови за интернет активностите на корисниците. „Сакате во ЕУ, тоа се правилата“, веројатно алудираше на обврската операторите во ЕУ да чуваат едно чудо податоци, наводно за антитерористички цели. Дефинитивно ја најдоа најпаметната работа од ЕУ.

После следеше исчудување како еден скопски провајдер одбил да им ги предаде податоците што ги барале со судски налог. Ме збуни затоа што Законот за електронски комуникации изричито забранува чување на податоци за комуникациите и налага нивно бришење или анонимизирање. Со судски налог може да започне следење на нечии комуникации, но не знам за закон што бара провајдерите по дифолт да чуваат логови.

Пробував да не влечам паралели со случајот на Гугл Vs. Департманот за правда, кога инспекторот сам рипна натака, па се пофали дека соработувале со американската тајна служба. Грејт. Не сконтав што мајка бараат Џејмс Бонд мандрачења и тајни служби во склоп на дебата за „е-трговија, компјутерски криминал и законска рамка за сигурност“. Спијте мирно, вашите пари ги чува ЦИА? ДИА? НСА? Што ли му беше поентата?

Уште кога ова ќе го поврзам со веста дека наводно пред изборите меверето прислушкувало 160 000 телефони, па им рикнал системот од преоптовареност... Само вие спијте мирно. Сè е под контрола.

Во овој контекст малку иронично ми прозвучеа завршните излагањa од странските мисии кои ставија претеран акцент на „прекрасните можности од новите технологии“. Ми дојде како да слушам sales pitch од трговец со скапа роба.

15 ноември, 2006

Е-општество 2.0


Во организација на Метаморфозис... е-општество.мк... Втора клапа. Лани ова време, на истата конференцијата се прослави Јани Макрадули:
„во МК не е проблем да се купи компјутер“
„цените за интернет не се проблем, проблемот е немањето локални содржини“.
Оваа година, местото му го зема Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски. Кажа дека владата ќе ја менувала состојбата во која „само 5% имаат редовен интернет пристап, а 60% никогаш не пристапиле на интернет“.

После продолжи шефицата на ОБСЕ во Скопје за „host of other things“, и за тоа дека и' кажале дека Македонија е првата безжична земја на светот. Дур гледав во земја еден дечко зад мене се кикотеше: „Шо збори оваа бе?“

Беше најавено дека и натаму ќе се турка создавањето на Минис- терство/Агенција за „информатички“ технологии и ќе се носи Закон за „информатичко“ општество. Волан е сведок дека лани ова време истите, ама баш истите работи ни ги кажуваше функционер од претходната влада. Единствена разлика е што сега улогата ја имаше човек од Министерството за финансии и беше помалку убедлив. „Од Министерот слушнав дека ќе се формира Министерство за ,информатички‘ технологии...“ „Министерот кажа 5%, има и бројка од 27%...“

За наводниците во претходниот пасус... Цело време македонските говорници го користеа изразот „информатичко“ општество. Информационо општество е она што се темели на информации. Што е „информатичко“ општество сè уште не успеав да дознаам. Oвој наш новоговор на англиски би го превел како informatics society. Мислам дека прв јавно за ова реагираше Сашко Насев во колумна за Утрински. Не за да ситничари за јазичната чистота, туку за да предвиди дека многу далеку ќе стигнеме во остварување на концептот кога челните луѓе ги утнуваат и основните поими.

:) Да не црнам... Супер излагања имаа Игор Стаматовски за слободниот софтвер и отворените стандарди и Александар Угриноски за сајтот за пријавување за државни работни места. Коментар има и на Комуникации.