23 јануари, 2007

WADSL ја губи битката и со латенцијата?

Една од најдобрите карактеристики на он.нет-овиот WADSL, освен цената, брзината и месечниот лимит, беше латенцијата. Како 5 месечен корисник на WADSL, со 5 редовно платени фактури, би сакал со вас да го споделам моето искуство со WADSL.

Цена: цената си е таа, 1286 денари месечно (ДДВ е вклучен). За некого е малку, за некого таман, додека за некој трет е многу. Секој со својата мака/среќа. Нема ништо спорно овде бидејќи кога го потпишав договорот знаев колку ќе треба месечно да одвојувам за фактурата за интернет пристап.

Брзина: Брзината е многу спорна. Иако според договорот он.нет се обврзани на брзина за download од 512 Kbps, јас 2 месеци имав брзина на download од 100 (најчесто) или 300 (многу ретко) Kbps. 1 месец сите ги имаа овие проблеми што се поврзани на WADSL додека пак наредниот месец само некои корисници поврзани на базната станица кај Нерези. На он.нет им требаше цел 1 месец за да го увидат проблемот и само 1-2 дена да го санираат. Лош систем за мониторинг, иако тврдат дека го имаат најсовремениот и единствен во Македонија. Или можеби мониторите (лицата задолжени да ги интерпретираат резултатите на мониторинг системот) не ги бива. Во секој случај мене не ме интересираат детаљите како краен корисник. 1 цел месец за воопшто да не забележат дека имаат проблеми со одредена базна станица. Исто така, многу често паѓа конекцијата така да оние 98% гаранција дека ќе имам квалитетен интернет ниту еден месец не се одржаа.

Лимит на месечен трансфер: 10 гигабајти иако изгледаат како доволно или многу, земајќи ја во предвид точката 2, тешко дека ќе ги искористиш некогаш. Претпоставувам ова им е маркетинг трик. Дај им нешто што вистински не може да се искористи.

Латенција: Стигнавме до мојот омилен дел бидејќи кога се мислев да ставам WADSL, на порталот на он.нет прочитав еден текст од некој вработен во он.нет демек нивната латенција била невидена работа, ептен добра. Досега сите проблеми ги сваќав како привремени и повеќе се концентрирав на онлајн игрите (кои директно зависат од латенцијата), барем додека не се поправи целосно конекцијата еднаш и засекогаш. Но повеќе ни таа не е како што треба. Имам латенција од 200 милисекунди (просек) кон
secure.on.net.mk и 450 милисекунди (просек) кон google.com. Тоа е КАТАСТРОФАЛНА латенција.

Разно: Канопито цркнува, прекинува да работи. Можеби ви било кажувано поинаку, но ова е вистина. Моето почина (нека почива во мир) пред 2 месеца, додека пак на двајца мои соседи им починаа денес. Најмалку 3 дена им се потребни да дојдат да ви го заменат со друго.

Заклучок: Он.нет-овиот WADSL е многу нестабилен интернет (баталете WADSL без интернет, подобро земете бесна кола без гориво, така колата барем ќе ја имате), никаква техничка поддршка, пристојна цена и месечен лимит во пакет со висока латенција. Прашање до он.нет: интернетот не е вклучен во цената?

Напишано на 5 Јануари 2007.

КТВ Зора - да ти се стемни

Пред Нова година се крена прашина околу новите пакети на КТВ Зора. Најскапиот пакет од 40 евра го рекламираа дека е со неограничен интернет. Еве како си поминал еден супер дечко:
На моето прашање која е загарантираната брзина, Драган Главниот (Админ) за интернет во КТВ Зора ми рече дека е таа таму што пишува (а таму пишува само 512/128 Kbps). На флаерот (кој беше уствари флајер за пакетите за ВОИП) пишуваше на еден од пакетите НЕОГРАНИЧЕН ТРАНСФЕР, Драган зема и го прешкрта и рече: 7ГБ, па потоа паѓаш на 33,600 Kbps. Да се научиш како беше пред 1999 :)

И најбитното прашање (за кое се вратив специјално да прашам) е може ли да го видам договорот како изгледа. Драган рече:”....Не може, кај газдата ми е.....” :)
Што да речам... Се надевам дека во меѓувреме Драган си го земал од кај газдата.

Плима


3 дена... недела дена...две...три. Рекордот мислам дека е месец и пол. Доколку блогов не испаднеше тесно специјализиран, можеби немаше да има толкави прекини во р-Еволуција.

Колку и да ми се неопходни периоди на отсуство од тука, секогаш ми носат некое чувство на вина - како да не сум направил нешто што требало.

Го поканив Принц, дечко со љута тастатура и автор на ново лого за еден наш провајдер, да ги покрие моите осеки со своите плими. Со своите текстови тука треба да се погрижи да не се осеќаат запоставени душичките од nonet.