26 април, 2008

Македонски Железници - оптика

---
Оптичкиот кабел на „Македонски Железници“ ќе го користат ВИП оператор и „Теле Смарт“. Железницата ги избра двете фирми на кои ќе им го изнајмува оптичкиот кабел а преку кој може да се даваат услуги во фиксната, мобилната телефонија и интернет.

Во следната фаза МЖ ќе го понуди на користење и останатиот дел од оптичкиот кабел што го поседува.

„Со ставање во функција на нашиов оптички кабел, отворена е можноста за понатамошна либерализација на информатичкиот сектор во Република Македонија, со што практично би се овозможило цените на интернет услугите на сите овие фирми, компании и услуги кои што се од оваа област да бидат веќе драстично намалени со самото тоа што ќе има можност повеќе фирми да се појават на овој сектор“, изјави Никола Димитровски, директор на МЖ „Транспорт“.
---

21 април, 2008

MT - ребрендирање II

Официјално МТ ќе се ребрендира во „Т-Home“ - објавено на сајтот на Македонски Телеком.
Цитат од сајтот на МТ (линк):
---
На денешната прес конференцијата, во хотел “Холидеј Ин”, Македонски телекомуникации го најави ребрендирањето на компанијата и влегувањето на светски познатиот T- Home бренд на македонскиот пазар. Македонски телекомуникации е првата компанија во рамките на интернационалната ДТ групација, којашто ќе ја следи новата бренд архитектура, за прв пат претставена во Германија во мај, 2007 година.

Од 1 мај 2008, новото трговско име на компанијата ќе биде Македонски Телеком - акционерско друштво за електронски комуникации – Скопје.
Т брендот е синоним за квалитет, иновација и едноставност. Под брендот Т, компанијата ќе им нуди на своите корисници широк спектар на телекомуникациски услуги, вклучувајќи ги и понудите за деловните корисници. Т-Мobile брендот се однесува за понуди од мобилната телефонија, а Т-Home брендот ќе им овозможи на корисниците да го пренесат светот на комуникации и забава во својот дом.

На прес конференцијата се обратија Главниот извршен директор на АД Македонски Телекомуникации, Николај Бекерс, Претседателот на Одборот на директори на МТ, Жарко Луковски, како и Потпретседателот за управување со брендот на Deutsche Telekom, Тобиас Шмидт.

Во оваа прилика главниот извршен директор на МТ изјави: “Го носиме T- Home брендот, за да им овозможиме на корисниците слободен пристап до најновите светски достигнувања во сферата на модерните телекомуникациски услуги. Новиот бренд идентитет ќе значи транспарентна и навремена реакција на корисничките желби и потреби. Целта е да понудиме комплетно портфолио на услуги, креирани според индивидуалните потреби на корисниците; Ова значи дека ќе овозможиме избор, затоа што одредени корисници имаат потреба само од фиксна телефонска линија, а други бараат комбинација на фиксна линија, брз пристап до интернет и интерактивна телевизија.” Тој нагласи дека T- Home ќе биде лојален партнер на корисниците, правејќи го секојдневието едноставно, удобно и забавно.

Со прифаќањето на новиот бренд компанијата ќе стане член на најголемато светско телекомуникациско семејство. Со ова македонските корисници ќе имаат можност, заедно со уште над 150 милиони корисници, да ги уживаат привилегиите кои ги нуди Т брендот во над 50 земји низ целиот свет. VoIP и IPTV се значаен дел од услугите, кои ќе им бидат понудени на корисниците.

Процесот на ребрендирање се планира да заврши во Мај 2008 година. Ребрендирањето на Македонски телекомуникации е од големо значење и за компанијата и земјата, и е резултат на постојаната посветеност на квалитетот на услугите и грижата за корисниците во изминатите години.
Македонски телекомуникации е лидер на пазарот на телекомуникации во Македонија, а како акционерско друштво постои на македонскиот пазар од 15 јануари 2001 г., кога унгарскиот телекомуникациски оператор Magyar Telekom (поранешен Матав) влезе во акционерската книга на МТ како сопственик на 51 % од акциите, на тој начин станувајќи доминантен сопственик на компанијата.
---
Завршен цитат.

18 април, 2008

МТ - ребрендирање I

Цитат изваден од „Утрински Весник“ (линк):
---
Граѓаните ќе имаат можност да одберат дали ќе сакаат само фиксен телефон, Интернет или ИПТВ

„Македонски телекомуникации“ од 1 мај годинава ќе добие ново трговско име - „Македонски телеком“. Ова вчера свечено беше најавено од менаџментот на компанијата. Освен новото име, „Македонски телекомуникации“ го најавија и влезот на светски познатиот „Т-хоум“, бренд на „Дојче телеком“ на македонскиот пазар. „Т-мобиле“ брендот се однесува за понуди од мобилната телефонија, а „Т-хоум“ за фиксната телефонија и забава во домовите. Под брендот „Т“, компанијата ќе им понуди на своите корисници широк спектар на телекомуникациски услуги, но и нови цени. Согласно со ребалансот, некои цени ќе бидат повисоки, а некои разговори ќе бидат бесплатни.

„Граѓаните ќе имаат можност да одберат дали ќе сакаат само фиксен телефон, дали Интернет, или ИПТВ. Во контекст на тоа ќе се коригираат и цените на некои разговори, па на пример оние што ќе разговараат од 19 часот попладне до 8 часот изутрина ќе можат да го прават тоа бесплатно“, изјави Николај Бејкерс, главен и извршен директор на МТ. Бејкерс најави и намалување на интерконекциските цени заради фер конкуренција.

„Го носиме брендот ’Т-хоум‘ за да им овозможиме на корисниците слободен пристап до најновите светски достигнувања во сферата на модерните телекомуникации. Ќе овозможиме избор, затоа што некои корисници имаат потреба само од фиксна телефонска линија, а други бараат комбинација на фиксна линија, брз пристап до Интернет и интерактивна телевизија“, изјави Бејкерс.

Процесот на ребрендирање се планира да заврши во мај годинава. Ребрендирањето, како што рече претседателот на одборот на директори на компанијата Жарко Луковски, ќе чини неколку милиони евра, а целиот трошок ќе падне на товар на централата „Дојче телеком“. По повод ребрендирањето, на Светскиот ден на телекомуникациите - 17 Мај, на Градскиот плоштад во Скопје „Македонски телеком“ организира прослава на која ќе настапуваат „Шугабејбс“. (А.С.)
---
Завршен цитат.